Утрински Весник
Македонија

Филипче со семејството на Емилија Динева: Органодарителството е највисок чин на човекољубие и хуманост

Филипче со семејството на Емилија Динева:  Органодарителството е највисок чин на човекољубие и хуманост

Скопје, 27 мај 2020 (МИА) – Министерот за здравство Венко Филипче денеска имал средба со семејството на Емилија Динева од Дојран, жената која почина од последици по сообраќајна несреќа и чие семејство се согласи нејзиното срце и бубрези да им бидат пресадени на тројца луѓе кои по операциите се во добра здравствена состојба. На средбата присуствувал и градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, соопшти министерот Филипче на Фејсбук.

-На семејството им изразив најголема почит и благодарност за хуманоста која ја покажаа во нивните најтешки моменти. Тие дадоа надеж и шанса за живот на три семејства. Тие спасија три човечки животи. Поради нив, првпат во земјава се изведе трансплантација на срце, а два бубрега се трансплантираа кај двајца пациенти кои подолго време беа на дијализа. Пациентите се во добра и стабилна здравствена состојба. Органодарителството е највисокиот чин на човекољубие и хуманост. Горд сум на ова семејство, напиша Филипче на својот фејсбук-профил.

Првата трансплантација на срце во нашата земја беше извршена кај 54-годишниот Иван Огненовски од Скопје, ноќта меѓу 22 и 23 мај. Шестчасовната операција ја направи тим од хирурзи од Државната кардиохирургија и од приватните болници Жан Митрев Клиник и Аџибадем Систина, предводен од д-р Сашко Јовев. Пациентот е стабилен, а во добра здравствена состојба се и двајцата пациенти на кои од починатиот донор им беа пресадени бубрези. хс/са/ 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Касами: Таравари ќе биде министер „уште некој ден“

Ако сакаме да бидеме сериозна држава треба да имаме соодветен владин авион, вели Томовски

Муцунски на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ и земјите-кандидати во Варшава