Скопје, 15 јуни 2020 (МИА) – Во изминатите денови ги засиливме со кадар и двете главни болници каде се лекуваат пациентите со Ковид-19. Во таа смисла, на Инфективната клиника дојдоа пет доктори, тројца од клиниките за кардиологија, за ендокринологија и од Институтот за туберкулоза, еден доктор од Клиничката болница во Тетово и еден од Општата болница во Охрид и вкупно 27 медицински сестри од Специјалната болница Јасеново, болницата Кавадарци, Кочани и од Кичево.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека во ГОБ „8 Септември“ се хоспитализирани 113 пациенти, на респираторна машина се 10, а со потешка клиничка слика се 21 пациент.
Посочи дека во ГОБ „8 Септември“ тимот се зајакнал со шест доктори, двајца од клиниките за ревматологија и нефрологија, двајца доктори од Кичево и по еден доктор од Отешево и болницата во Гостивар.
– Дваесет медицински сестри од Струга, Велес, Отешево, Гевгелија и Специјалната болница Лешок. За време на целиот овој период болницата функционира како Ковид-центар, каде по потреба се извршуваат и други интервенции, за пациенти кои се позитивни на вирусот. Во болницата во Битола се хоспитализирани 26 пациенти. Таму има еден позитивен болничар, направена е анкетата и во таа смисла уште двајца други негови колеги се во изолација, еден хирург од болницата од денеска има симптоми и тој ќе се тестира и ќе биде во изолација. Во болницата во Штип 18 хоспитализирани пациенти, а во другите одделенија во државата вкупно 66 пациенти, рече Филипче.
Во Ресен после 19-те дијагностицирани лица од кои првите случаи потекнуваат повторно од семејна прослава, истакна министерот, заседаваше локалниот Кризен штаб и е донесена одлука заедно со компаниите во кои се вработени близу 600 луѓе во следните 10-тина до 14 дена тие да не одат на работа со цел да се елиминира можноста од бројни контакти и со тоа да се спречи ширењето на вирусот.
Додаде дека од вкупно седумте конфекции кои беа затворени во Штип, три сега работат со 50 отсто капацитет, една конфекција целосно, една конфекција со 60 отсто и уште две треба да почнат со работа.рп/дма/