Скопје, 5 мај 2020 (МИА) – Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашкоска денеска на прес-конференција информираше дека во периодот од 27 април до 3 мај инспекциските служби извршиле 3.086 надзори потенцирајќи дека генерално се почитуваат владините мерки за заштита и спречување на ширење на коронавирусот. Секое непочитување и нерегуларност, потенцира, ќе биде санкционирана без исклучок.
-Инспекциските служби продолжуваат со работа на терен сè со цел од една страна да се заштита правата на граѓаните, а од друга страна да се изврши контрола на почитувањето и целосното спроведување на мерките и препораките донесени од Владата со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, истакна Филиповска Грашкоска.
Државниот пазарен инспекторат реализирал 2.042 надзори во трговски објекти на малопродажба и големо продажба во кои спаѓаат угостителски објекти, аптеки, бензински станици, банки и пошти. Затворени се четири угостителски објекти и изречени 45 опомени за неносење маски.
-При овие контроли во најголемиот дел од случаите извршена е контрола во однос на поставување ред и дисциплина при влез и во внатрешноста на објектите и проверка на почитувањето на Уредбата со која се замрзнаа цените на основните продукти на износите утврдени на 11 март. Притоа од пазарните инспектори во овој период се затворени вкупно четири угостителски објекти и се запечатени пет кафемати. Дополнително при контролите извршени во Тетово и во Скопје изречени се и 45 опомени за непочитување на одредбата за носење на маски во трговски објекти, информираше претседателката на Иснпекцискиот совет.
Дополнително, како што кажа таа, врз основа на визуелната обиколка низ повеќе градови од страна на пазарните инспектори е констатирано дека деловните објекти во најголемиот дел ги почитуваат одлуките и препораките на Владата.
Агенцијата за храна и ветеринарството (АХВ) во овој период се спроведени 154 надзори во повеќе градови и тоа во различни маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти и зелени пазари.
-Притоа се изречени пет казнени мерки едукации поради неспроведени обуки за основни знаења за безбедност на храна и се изречени 12 решенија за констатирана лоша општа хигиенска состојба, рече Филиповска Грашкоска.
Од страна на Државниот инспекторат за труд се спроведени 158 контроли, при што се донесени 27 решенија и 47 укажувања за работодавачите коишто не ги почитувале препораките на Владата. Овие надзори, како што кажа таа, се однесуваат на постапувањето на работодавачите по препораката за платено отсуство на родител на деца до 10 години, самохран родител, бремени жени и хронично болни лица.Трудовиот инспекторат констатирал дека поголемиот дел од работодавачите ги почитуваат препораките за заштита на своите вработени од ширење на коронавирусот.
Државниот инспекторат за транспорт во периодот од 27 април до 3 мај направил вкупно 118 надзори. Притоа било констатирано дека меѓуопштинскиот сообраќај е драстично редуциран, односно намален за 95 проценти. Во целосен прекин се меѓуградските линии помеѓу Скопје – Охрид, Скопје – Битола, Скопје – Ресен, Скопје – Прилеп, Скопје – Пробиштип, Скопје – Кратово, Скопје – Крива Паланка, Скопје – Кочани, Скопје – Берово и обратно. Меѓународниот линиски превоз од почетокот на вонредната состојба е во целосен прекин. Од направените контроли на повеќе автобуски станици во државата е утврдено дека се почитува владината одлука за 50 проценти намален капацитет, односно за преполовен број на патници. Воедно е констатирано дека товарниот сообраќај се одвива без ограничување и се препорачуваат препораките, а во еден случај од страна на Државниот инспекторат за транспорт е изречена мерка за превозник.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат покрај издавањето на решенија за здравствен надзор и домашна изолација за заболени лица, како и за лица кои биле во контакт со заразен од коронавирусот, спроведе вкупно дополнителни 134 надзори во приватни и јавни здравствени установи, како и домови за стари лица. Овие надзори се однесуваат на почитувањето на протоколите за заштита на медицинскиот персонал за прием и постапување со инфицирани пациенти од коронавирусот. Исто така, од страна на ДЗСИ во овој период се издадени и 364 дозволи за професионални возачи транспортери со цел да се обезбеди непречено спроведување на транспортот во услови на епидемија од коронавирус.
Агенцијата за лекови и медицински помагала во овој период изврши вкупно 34 надзори и притоа повторно е констатирано дека нема специфични отстапувања во секторот. Препораките се почитувани, а цените се во согласност со препораките и одлуките на Владата. ев/дма/