Утрински Весник
Економија

Физибилити студија ќе одлучи дали ТЕЦ „Неготино“ ќе се продава или ќе оди под јавно-приватно партнерство

Физибилити студија ќе одлучи дали ТЕЦ „Неготино“ ќе се продава или ќе оди под јавно-приватно партнерство

На повидок е решавање на идната позиција на ТЕЦ „Неготино“ на енергетскиот пазар во земјава. На Електронскиот систем за јавни набавки вчера беше објавен јавниот повик кој ќе трае до 22 јануари следната година, до кога треба да се достават понудите од заинтересирани компании за изработка на физибилити студија за оправданоста за доделување на договор за јавно-приватно партнерство или за евентуална продажба на ТЕЦ „Неготино“, согласно Законот за концесии и за ЈПП. Рокот за завршување на физибилити студијата по изборот е 3 месеци, а главниот критериум при изборот е во соодносот на цената и на квалитетот, 40 со 60.

Според условите во јавниот повик, студијата треба да содржи архитектонски, инженерски и интегрални услуги за просторно планирање за уредување на земјиштето, како и други технички услуги. Компанијата што ќе биде избрана, меѓу другото, треба да достави потврда дека нема отворена стечајна постапка или ликвидација, дека има платени даноци и други јавни давачки, нема казна или забрана за учество во постапки за јавен повик, доказ за економско финансиската состојба, а нејзиниот минимален годишен приход треба да изнесува 18 милиони денари. Исто така, економскиот оператор треба да има изработено минимум една физибилити студија од најмалку 6 милиони денари во РСМ во последните 3 години и да изработил најмалку три стратешки проекти во последните три години во областа на енергетика во земјите на ЈИЕ, од кои барем еден во земјава. 

Инаку, Владата во рамки на најавите за планираните енергетски проекти веќе најави дека ТЕЦ „Неготино“, којшто се нарекува и „ладна резерва“ во енергетскиот систем на земјава, ќе се понуди на продажба в година. Засега останува неизвесно, дали принципот на продажба ќе оди преку јавно-приватно партнерство со државата или со 100 процентна продажба на приватен инвеститор.

Она што е клучно за идната термоцентрала, како што планира Владата, е таа да работи на гас. Но, за тоа претходно е потребно да се изгради гасоводната конекција меѓу РСМ и Грција, со што ќе се овозможи набавка на природен гас за ТЕЦ „Неготино“. Инаку, Неготино веќе е приклучено и на гасоводниот систем преку магистралниот гасовод Штип-Неготино-Кавадарци.

Како што веќе изјавија од Владата за „Мета.мк“, во изминатите 10 години колку што не работи ТЕЦ „Неготино“, преку Регулаторната Комисија за енергетика се покриваат тековни трошоци од околу 3 милиони евра на годишно ниво за техничко одржување на термоцентралата. Според прелиминарните пресметки на Владата, висината на инвестицијата за реконструкција или за надградба би се движела од 100-тина до 500 милиони евра, зависно од технологијата што ќе се вгради.

ТЕЦ „Неготино“ е изградена во 1978 година и е втор електроенергетски објект по големина во земјава, после РЕК Битола, со производствена моќност од 195 мегавати и максимална моќност од 215 мегавати. Дневно може да преработи 1.200 тони мазут и од него за 24 часа да се произведат 4.680 мегават-часови електрична енергија, што е доволно за 20 отсто од вкупната потрошувачка во земјава.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Претставници на Народната банка работеа на клучно истражување за македонската економија објавено од ММФ

Димитриеска-Кочоска: Ограничувањето на маржите нема ефект, потребни се поефективни мерки

Онлајн шопингот проработе и во Македонија: 63.5% од граѓаните купуваат преку интернет