Подготовките за реализација на годинешново 60-то јубилејно фестивалско издание на „Охридско лето“ започнаа веднаш по завршувањето на минатото издание. Повеќето работи до овој период од годината се завршени, но дирекцијата на фестивалот периодов работи на прилагодување на некои фестивалски активности на новонастанатата состојба со ковид-19 во нашата земја.
Од фестивалот велат дека постојано се во преговори со уметниците кои годинава треба да настапат на Фестивалот „Охридско лето“. За жал, сè уште е неизвесно какви мерки во иднина ќе бидат преземени за справување со вирусот.
Од дирекцијата на фестивалот посочуваат дека сè уште ги чекаат насоките од Владата и Министерството за култура.
– Корона кризата можеби ќе го смени начинот на реализација на настаните, можеби ќе има ограничен број на посетители, намален број на концерти и претстави, но никако нема да влијае врз квалитетот на она што ќе го понудиме – вели Наташа Поповиќ, директорка на Фестивалот „Охридско лето“.
Поповиќ подвлекува дека годинешното фестивалско издание ќе помине во знакот на безбедноста на вљубениците во музичката и сценската уметност, па така предвидените настани на „Охридско лето“ ќе се организирааат претежно на отворените сцени, како што се Античкиот театар, Долни Сарај и предворјето на црквата „Света Софија“, додека помал ќе биде бројот на концерти во катедралната црква, со строго ограничен и редуциран број на влезници.
Таа дополнува дека ќе се направат напори да се одржат поголем број на он-лајн концерти, настани кои љубителите на уметноста ќе можат да ги следат преку лајв-стриминг. Сепак, како национална установа од областа на културата, тие секако ќе ги следат мерките на Владата против ширењето на корона вирусот.
Овој период, тие работат на подготовка на сцените и на сè она што значи тековни активности пред одржувањето на фестивалот. Ангажманите се во насока фестивалот да помине во беспрекорна реализација, со содржини кои успешно ќе ја надградат успешната културна приказна на „Охридско лето“ во изминативе 60 години.