Утрински Весник
Култура

Утре завршува годинешниот Скопје филм фестивал

Утре завршува годинешниот Скопје филм фестивал

Со проекција на филмовите од програмите Светски филм и 100 годишнина од раѓањето на Федерико Фелини, утревечер завршува 23. издание на Скопје филм фестивал. Програмата ја затвараат британскиот филм „Фани Лај“(2019) и култното ремек дело на Фелини „Осум и пол“ (1963).

„Фани Лај“ е третиот филм на сценаристот и режисер Томас Клеј, создаван десет години и снимен на 35 мм лента, е импресивен и моќен пример на независниот британски филм што ги изместува жанровите. Радикален и субверзивен при истражувањето на еден од најтурбулентните британски периоди тој создава впечатлив, феминистички „пуритански вестерн“, фасцинантна и брутална, мрачно-смешна и необично хипнотична приказна од еден каллив период на Англија, посветувајќи исклучително внимание на историските детали. Проекцијата почнува од 19 часот во летното кино на Кинотека.

Филмот „Осум и пол“ има автобиографска нишка, а насловот го добил затоа што Фелини дотогаш имал снимено седум и пол филмови: шест долгометражни, два кратки и еден во соработка со Алберто Латуада. Пред почетокот на снимањето Фелини, како и протагонистот во самиот филм, немал конечно сценарио. Во 1964 филмот имаше пет номинации за „Оскар“, а ги доби наградите за најдобар странски филм и костимографија. „Осум и пол“ се смета за еден од најважните филмови на Фелини, но и на светската кинематографија воопшто.

Скопје филм фестивал, за своето 23. издание донесе разновидна програма и содржини во чии рамки понуди повеќе од дваесет играни и документарни филмови поделени во три програми: Панорама на светски филм, Денови на квир кино и Ретроспективна програма на филмови од Федерико Фелини во соработка со Кинотека на Северна Македонија.

Фестивалот во рамки на својата годинешна програма ја одбележа и стогодишнината од раѓањето на книжевникот, филмски сценарист и режисер, Славко Јаневски.

Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е македонскиот дизајнер и уметник Зоран Кардула. Годинава, во галеријата на Кинотека на С.Македонија меѓународно познатиот македонски уметник ги изложи своите верзии на 11 плакати од филмовите на Фелини.

Трета година по ред, Скопје филм фестивал ја реализираше програмата „Денови на Квир кино“ која е дел од проектот Млади артивисти за промена поддржан од Министерството за надворешни работи на кралството Холандија. Оваа програма е дел од проектот „Stichting art.1“ и Меѓународниот квир и мигрантски филмски фестивал од Амстердам во соработка со Скопје филм фестивал. И оваа година филмовите од оваа програма предизвикаа голем интерес кај публиката.

Во рамки на оваа фестивалска програма од 9 до 13 септември се одржа филмска работилница со практична работа за основните филмски техники и камера, развивање на индивидуалните идеи за филм, работилница за монтажа, а последниот ден и создавање на 9 кратки филма. Предавачи и обучувачи на оваа работилница беа професионалци од филмската индустрија од Холандија и Македонија.

Во фоајето на Кинотеката како дел од програмата „Денови на квир кино“ беше отворена и изложбата на дела кои произлегоа од работилницата за Артивизам.

Поради здравствените услови, првпат во своето постоење Скопскиот филмски фестивал целосно се одржа на отворено во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката, а сите проекции беа бесплатни.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“