Во рамките на Скопско лето, утре со почеток во 20:30 часот во Музеј на македонската борба ќе се одржи концерт со наслов „Вечер со руски романси“.
Ќе се изведуваат соло песни од руски автори, а учествуваат: Македонка Петреска – сопран, Ивона Огненовска – мецо-сопран, Елена Васова – сопран, Сара Јанева – мецо – сопран, Марија Ѓеорѓиевска – сопран, Фјола Исеини – сопран, Мариана Бошковска – мецо-сопран, Билјана Камчева – сопран и Давид Миладинов – баритон. Музички соработник и водител е м-р Елена Силјановска.
Романса е жанр на естетско доживување на човечките емоции. Во време на прагматизам и материјализам, руските романси нè навраќаат на чувствата и продуховеноста. Концерти на руски романси во НОБ во организација на корепетиторот и селекторот во Македонија за меѓународниот натпревар, м-р Елена Сиљаноска, се одржуваат во Фоаје на НОБ од 2014 г. Годишниот концерт на руски романси имал најмногу публика во последниве 3 години. Минатата година за првпат концертот влезе и во прогамата на „Скопско лето“. Учествувале повеќе од 40 млади македонски вокалисти – студенти и ученици од образовни институции во земјава. Концертот е присутен и во македонскиот етер (ТВ „Наше ТВ“, снимено 2 концерти – 2016 и 2017 г.). Концертите имаат свој карактеристичен перформанс. Освен изведба на композициите присутен е наративен – едукативен и емотивен – дел поврзан со историја, стил, композитори, поети, изведувачи. Во програмата покрај класични дела, вклучени се и романси непознати за македонската публика.
Концертот ќе се одржи согласно протоколите за одржување на настани, а влезот ќе се регулира со билети по фестивалска цена од 200 денари кои ќе може да се купат пред почетокот на концертот на влезот на Музејот.
В сабота ќе се одигра театарска претстава „СМРТТА НА ДАНТОН” со почеток во 20:30 часот во Центар за култура Кисела Вода – КВК кино. Автор на претставата е Георг Бихнер, а е во продукција на ЈОУ Дом на култура КВК Скопје, во копродукција со Театар Фабрика. Рeжисер е Андреј Цветановски, Сценограф и костимограф – Сергеј Светозарев, Асистент на режија – Борјан Стојков, а играат: Григор Јовановски, Дамјан Цветановски, Сергеј Димовски, Тони Денковски, Александар Михајловски, Ане Блажовски, Наталија Теодосиева, Марија Кондовска, Кристина Гиева.
Текстот Утре во Музеј на македонска борба концерт „Вечер со руски романси“ е превземен од МАКФАКС.