Утрински Весник
Свет

Урсула фон дер Лајен: Вакцинираните американски туристи ќе можат да дојдат во ЕУ

Урсула фон дер Лајен: Вакцинираните американски туристи ќе можат да дојдат во ЕУ

Американските туристи вакцинирани против Ковид-19 ќе можат да ја посетат Европската Унија во наредните месеци, изјави претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен во неделното интервју за „Њујорк тајмс“.

Најавувајќи голема промена во политиката на ЕУ со интензивирање на вакцинацијата ширум светот, Фон дер Лајен не зборуваше за датумите, но „Тајмс“ пишува дека новите правила можат да стапат на сила на лето.

„Американците, колку што можам да видам, користат вакцини одобрени од Европската медицинска агенција“, рече таа. Ова според неа ќе овозможи слободно движење и патување низ Европската Унија.

ЕМА, регулатор на лекови на Европската Унија, одобри три вакцини што се користат во САД а тоа се на „Модерна“, „Фајзер“ и „Џонсон и Џонсон“.

„Тајмс“ пишува дека брзата програма за вакцинација на САД, како и напредокот во преговорите за употреба на сертификати за вакцинација, се основа за планот за враќање на патувањато за годишните одмори на Американците во ЕУ.

Фон дер Лајен рече дека САД постигнуваат голем напредок и истакна дека се на пат да вакцинираат 70 проценти од возрасните до средината на јуни.

Продолжувањето на патувањето ќе зависи од „епидемиолошката состојба, но состојбата во САД се подобрува, исто како што се надеваме дека се подобрува и во Европската Унија“, додаде таа.

Пандемијата го опустоши туризмот на континентот, додека многу нации ги затворија своите граници.

Грција минатата недела изјави дека патниците од ЕУ и уште пет други земји кои биле вакцинирани или имаат негативен тест, повеќе нема да мора да бидат во карантин по пристигнувањето.

Земјата е подготвена да го отвори значително погодениот туристички сектор и ги засили вакцинациите во надеж дека ќе создаде имунитет кај локалното население.

Европската Унија соопшти дека сака да воведе пасоши за вакцинирани патници, иако плановите сè уште не се официјализирани.

Можете да прочитате

НАТО: Поддршката за Украина продолжува

Израел прифати примирје со Хезболах

Телефонски разговор Трудо-Трамп – 24info.mk