Несовесни граѓани целосно уништиле кафез – замка на Македонското еколошко друштво (МЕД) која служи за научно-истражувачки цели за следење на балканскиот рис. Опремата, која била лоцирана во месноста Суви Дол, Кичевско, е целосно уништена и не може повторно да се употреби за мониторинг на балканскиот рис, информираат од МЕД. Македонското еколошко друштво долги години спроведува теренски активности за спас на овој вид, во кои се обележани и се следат десетина животни.
„Досега не сме имале вакво искуство и апелираме до граѓаните што се движат во планина дека овој тип на замки е наменет исклучиво за научно- истражувачки цели и следење на популацијата на критично загрозениот балкански рис. Случајот ќе го пријавивме во полиција и се надеваме дека надлежните ќе поведат постапка против сторителите“, вели Диме Меловски од Македонско еколошко друштво.
Инаку, вакви замки се поставени на повеќе локации во Националниот парк „Маврово“ и надвор од него и се од непроценлива вредност за стекнување нови сознанија за ова ретко животно, кое што МЕД активно го проучува и заштитува од 2006 година. Во Македонија се останати само педесетина возрасни единки рис, што ова диво животно го става на листата на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) со статус на критично загрозено животно, а значењето на опремата и на заложбите на Македонското еколошко друштво во одржувањето на популацијата е непроценливо.
Последниот рис, кој пред неколку месеци доби околувратник со кој ќе се следат неговите движења, е женка стара десетина години, која го доби името Атиџе.
Деновиве, информираат од МЕД, уште еден рис кој се следи подолго време со ГПС околувратник е забележан во Маврово.
„Добивме прекрасни слики од рисицата Лиса, деветта различна единка рис заловена во рамки на истражувачките активности од Програмата за закрепнување на балканскиот рис кои МЕД систематски ги спроведува од 2010 година.
Станува збор за здрава единка, стара околу 7 години. Сликите ни ги испрати жител од едно мавровско село, што оваа убавица ја сликал од својата тераса“, вели Меловски.
Минатиот месец единка на балканскиот рис, со опрема инсталирана преку проектот naturemk, беше забележана и во Националниот парк „Галичица“, кој по пауза од неколку децении се појави покрај оградата на Репродуктивниот центар за елени на НП „Галичица“.