Скопје, 21 април 2020 (МИА) – Пандемијата со КОВИД-19 е сериозно потсетување дека заразните болести не знаат за граници. Сите земји се ранливи, без оглед на нивото на приход или цврстината на нивниот здравствен систем. Низ целиот европски регион, каде десетици милиони луѓе живеат затворени дома со недели, а над 100.000 луѓе починаа, брзината и разорноста на новиот корона вирус сосема го испревртеа животот, соопштија од канцелариите на УНИЦЕФ и на Светската здравствена организација (СЗО) во Скопје по повод одбележувањето на Европската недела на имунизација.
Итната потреба од вакцина против КОВИД-19, како што посочуваат, ја потенцира клучната улога на имунизацијата во заштитата на животот и економијата.
Додека научниците во светот работат на развивање вакцина против новиот коронавирус, а капацитетите на системите за здравствена заштита се напрегнати до максимум во одговор на КОВИД-19, националните програми за рутинска имунизација се посуштински од кога било досега. Владите низ целиот регион мора да ја искористат секоја потенцијална можност да ги заштитат луѓето од многуте болести за кои веќе постојат вакцини. Кога ќе се пропуштат рутинските вакцини, се зголемува ризикот од појава на болести. Во 2018 година, околу 527.000 деца ја пропуштија првата доза од вакцината против мали сипаници во европскиот регион на СЗО. Една година подоцна во 2019 година, вирусот на мали сипаници ги покажа имунолошките пропусти во Европа, заразувајќи над 100.000 лица од сите возрасни групи. Заштитата на децата, адолесцентите и возрасните од болести што може да се спречат со помош на вакцина е задолжителна за одржливоста на здравствените системи, стои во соопштението.
– Знаеме дека ранливоста на заразни болести било каде е закана за јавното здравство насекаде. Од пресудна важност е рутинските програми за имунизација да продолжат и при оваа криза, истовремено соодветно заштитувајќи ги здравствените работници и лицата што примаат вакцина. Приоритет треба да биде опфаќање на најранливите деца кои ја пропуштиле рутинската имунизација, рече г-а Афшан Кан, регионална директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија.
Доколку, во овие невидени времиња, локалните мерки за одговор на КОВИД-19 предизвикуваат привремени прекини на рутинските услуги за имунизација, земјите треба да испланираат нивно продолжување веднаш штом ситуацијата се стабилизира. Земјите треба да бидат подготвени да ги вакцинираат оние со поголем ризик и да обезбедат сите, вклучително и најмаргинализираните, да имаат еднаков пристап до вакцината против КОВИД-19, кога таа ќе стане достапна.
– Можеме да ги спречиме натамошните ефекти од КОВИД-19 врз нашите здравствени системи, така што ќе се погрижиме лицата од сите возрасти да се вакцинираат според националните програми. Ги повикувам државите да ги одржат услугите за имунизација и да ја поттикнат побарувачката за редовна вакцинација дури и во ова тешко време. Давањето предност на имунизацијата е една од моите четири приоритетни области и клучна за визијата на СЗО за здравјето во новата Европска програма на работа, рече д-р Ханс Анри П. Клуж, регионален директор на СЗО за Европа.
СЗО и УНИЦЕФ ќе продолжат да ги поддржуваат напорите на владите за зајакнување на програмите за имунизација, вклучително и преку стратешко планирање за рамноправно обезбедување имунизација, зајакнување на надзорот врз болестите што може да се спречат со вакцинирање, како и со ангажирање и едукација на заедницата. Додека чекориме кон новата иднина, вакцините и натаму ќе служат како основа за здравјето и благосостојбата на сите. Токму преку солидарност, заедничко дејствување и неуморна заложба никој да не биде изоставен, можеме заедно да создадеме поздрава иднина, стои во соопштението од канцелариите на УНИЦЕФ и на СЗО во Скопје. рп/сп/