Околу 100 домаќинства од скопската населба Лисиче кои се затоплуваат на дрва, јаглен, нафта или отпад, ќе можат да ги заменат грејните тела со користење на нови енергетски ефикасни енергенси. За таа цел, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) со Градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), го објави вториот повик за финансиска поддршка на домаќинства од Лисиче. Дополнително, на избраните домаќинства ќе им се помогне и да ги заменат старите, дрвени прозорци и врати, со нови, заради зголемување на енергетската ефикасност.
„Мерењата на загаденоста на воздухот покажуваат дека Лисиче е меѓу најкритичните во Скопската котлина, каде доминантниот начин на загревање на домовите се огревното дрво и други штетни енергенси. Поради тоа оваа зона е предложена од експертите како тест-област во која треба да се спроведат мерки за подобрување на квалитетот на воздухот“, објави УНДП.
На јавниот повик може да аплицираат сите физички лица кои имаат постојано место на живеење во оваа област или во непосредна близина, а кои за главен извор на загревање користат енергенти, дрво, јаглен, нафта или отпад и кои ќе изјават дека прифаќаат да го исфрлат од употреба уредот и енергенсот кој го користат. Замената ќе биде со клима уред-инвертер, топлинска пумпа, печка на пелети/брикети и слично, но не како директен финансиски трансфер на семејствата.
Во приоритетната група за поддршка се домаќинствата кои за 2019 година имале месечен доход во нето износ до 15.000 денари (односно до 180.000 денари годишно). А, ако не се селектираат доволен број на домаќинства, опфатот ќе се прошири на социо-економски најранливите домаќинства кои се пријавиле. Домаќинствата треба да приложат изјава со лични податоци за висината на средствата со кои располагаат, согласност за замена на грејните тела, како и имотен лист.
Крајниот рок за пријавување е 5 април 2021 година.
Финансиската поддршка е обезбедена од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – СИДА преку проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје”.