Скопје, 4 јуни 2020 (МИА) – Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Клиничката болница во Тетово и Општата болница во Прилеп добија донација „УВ Гард“ – уред со УВ зраци за дезинфекција на површини и воздух од вируси и бактерии, со цел зајакнување на условите во установите во период со справување со вирусот ковид-19, информира Министерството за здравство.
Како што појаснуваат од Министерството за здравство (МЗ), со апаратот се дезинфицираат површини и воздух, 360 степени наоколу, работи на принцип на зрачење кратка UV-C бранова должина од 254 нанометри, ги убива микроорганизмите што доаѓаат во контакт со светлината, им ги уништува нуклеинските киселини и ја нарушува нивната ДНК, оставајќи ги без можност да ја вршат својата функција, УВ зраците допираат до места што се недостапни и стопроцентно ги елиминираат вирусите и бактериите и на нерамни површини.
Просторијата што се дезинфицира со апаратот мора да биде празна, но, како што наведуваат од МЗ, тоа не е проблем бидејќи уредот се контролира од далечина и го заштитува тој што го ракува.
За просторија од 40 метри квадратни доволни се околу триесетина минути, а веднаш по дезинфекцијата се чувствува силен мирис на озон.
„УВ Гардот“ е изум на македонските иноватори Ивица Поцков и Никола Глигоров од Свети Николе. скс/мч/