Царинската управа на РСМ информира дека увозот на употребувани моторни возила во државата во првите 9 месеци е значително намален. Ако лани во овој период биле увезени над 26.000 половни патнички возила, во периодот на оваа година се увезени околу 11.000 возила, што претставува намалување од 42 отсто.
„Падот на увозот на половни возила во најголем дел е резултат од воведувањето на механизмите во новиот Данок на моторни возила чија цел беше спречување и демотивирање на граѓаните за купување на половни возила со високи емисии на СО2, што веќе се покажува и во пракса. Ова значи помал влез и користење на возила кои драстично го загадуваа воздухот во Република Северна Македонија“, се вели во соопштението на Царинската управа на РСМ.
Истовремено, тие информираат дека увозот на нови патнички возила е намален за 18 отсто, односно лани во првите 9 месеци биле увезени над 6.300 нови возила, а оваа година се увезени околу 3.800 возила.
„И покрај намалениот број на увезени возила, приходите остварени со примената на новиот Данок на моторни возила кој ја замени акцизата, бележи позитивна разлика во приходот за над 280 милиони денари или 4,5 милиони евра повеќе во однос на лани истиот период, што претставува пораст од над 50 отсто“, информираат од Царинската управа.
Инаку, Царинската управа за РСМ за првпат по подолг период информира преку соопштение за јавност за бројките во врска со увозот на половни возила од странство. „Мета.мк“ повеќе од една година ја следи состојбата со внесувањето на користени возила во земјава, како и нивното влијание врз аерозагадувањето.
Програмата на Обединетите Нации за животна средина (УНЕП) деновиве за првпат објави Глобален извештај на тема „Половни возила и животна средина“, во којшто се предупредува на загадувањето на воздухот со издувни гасови од половните возила и се бара поголема регулација на меѓународниот проток на вакви возила од развиените кон земјите во развој и Третиот свет.