Утрински Весник
Свет

Турција е во криза, а Ердоган гради раскошни палати

Турција е во криза, а Ердоган гради раскошни палати

Додека турското население се обидува да се справи со економската криза, претседателот Ердоган гради раскошни палати од парите на даночните обврзници. Овие згради не се подигнати во чест на Турската Република, туку на османлиското минато.

Турција се наоѓа во тешка финансиска и економска криза скоро две години. Девизниот курс на турската лира е во слободен пад. Невработеноста, особено кај младите, е голема со месеци. Заедно со сето ова, доаѓаат и ограничувањата во пандемиската криза. Тоа силно ја погоди туристичката индустрија, која е една од најважните гранки на економијата.

Претседателот на Турција нема предлози за надминување на кризата, но познати се неговите декадентни градежни проекти, пишува „Дојче веле“.

И покрај критиките од опозицијата, Реџеп Таип Ердоган продолжува со градежните проекти вредни милиони евра. Тој изгради кралска палата на брегот на езерото Ван, што потсетува на палатата на селџучкиот султан Кејкубат од 13 век.

Палатата на Ердоган ќе има површина од 1.071 квадратен метар. Турските медиуми јавуваат дека изградбата досега чинела 14 милиони евра, иако турската влада првично планирала трошоци од 3,5 милиони евра. Според овие тврдења, градежниот претприемач е школски другар на Ердоган.

„Поради алчноста на еден човек, брегот на езерото Ван беше жртвуван за профит. Додека милиони наши граѓани треба да се справат со економската криза, еден единствен човек ќе може да си дозволи замок по замок“, рече во турскиот парламент, пратеникот на Републиканската народна партија, Гулизар Бисер Карача.

Покрај оваа резиденција, Ердоган гради и летна резиденција во близина на Мармарис на средоземниот брег. Според извештаите на турските медиуми, тој проект е исто така екстремно скап и не ги зема предвид еколошките стандарди. Палатата со 300 соби досега чинеше 37 милиони евра. Исечени се 50 000 дрвја.

Друга раскошна палата е изградена во 2014 година. Таа е официјална резиденција на Ердоган во Анкара. Чинела половина милијарда евра и е поставена среде природно подрачје кое е под заштита на законот. Дури и тогаш, опозицијата жестоко ја критикуваше градбата, но сè беше залудно.



Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Индонезија прогласи највисоко ниво на тревога поради серија ерупции на вулканот Ибу

Двајца браќа обвинети за кражба на 25 милиони долари во криптовалути, грабежот го направиле за неколку секунди

Кралицата Камила: Кралот Чарлс е подобар, но мора да ги намали своите должности