На 24 август во 1991 година е основана издавачката куќа „Матица македонска“ од Скопје, која во континуитет ја афирмира македонската книга. Во текот на изминатите децении, оваа институција чиј основач и главен уредник е писателот Раде Силјан, реализира обемна и разновидна продукција од повеќе области и се етаблира во македонскиот културен простор како еден од водечките фактори во претставувањето на националните творечки капацитети. Колекцијата на публикувани изданија на Матица македонска изнесува 2.500 наслови од сите области, печатени во над 3.800.000 примероци, дистрибуирани во Македонија и во најзначајните светски библиотеки и славистички центри.
По повод големиот јубилеј, посебно треба да се одбележат заложбите на издавачот за афирмација на книжевните вредности на македонските поети, прозисти, драмски писатели, критичари, публицисти и научници. Од богатиот спектар на книги, посебно треба да се извојат изданијата за македонското културно наследство, особено делата за македонските народни носии и везови, за македонскиот фолклор и народната митологија, како и монографските книги за македонските манастири и македонската резба, колор-изданијата за Охрид, Скопје, Преспа, Курбиново, Света Софија, Старата скопска чаршија и др. Во рамките на едицијата Избрани дела, преку критички толкувања објави повеќетомни изданија од творештвото на Марко Цепенков, Кирил Пенушлиски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Божин Павловски, Луан Старова, Никола Кљусев, Милан Ѓурчинов, Блаже Ристовски, Радован Павловски, Цветан Грозданов, Георги Старделов, Витомир Митевски, Раде Силјан, Танас Вражиновски, Димитар Ќорнаков, Благоја Иванов, Петар Т. Бошковски, Јован Павловски, Паскал Гилевски, Јован Стрезовски, Блаже Миневски и др.
Континуираната активност во поглед на афирмирањето на македонската книга, издавачот успешно ја остварува преку бројните промоции во своите книжарници и, особено преку Клубот Матица, во кој членуваат педесет илјади членови.
Текстот Триесет години од основањето на „Матица македонска“ од Скопје е превземен од МАКФАКС.