Трговските центри и трговците се незадоволни од одлуката на Владата да забрани влез на невакцинирани лица во објектите. Тие велат дека со ваквата мерка профитот им е намален и сметаат дека Владата треба да најде поинакво решение за да ги мотивира луѓето да се вакцинираат против коронавирус.
„Се најдовме во сосема друга, непосакувана ситуација. Се доживуваме како казнети, а реалноста е дека трговските центри се речиси празни. Нашите трошоци и загуби растат од ден во ден, а бројот на вакцинирани, за жал расте со мала стапка. Затоа, Ве замолуваме за поразличен пристап, каде ќе се обидете да ги разбереме граѓаните, да се обидете да разберете што стои зад ниските стапки на вакцинацијата во државата и да се обидеме да најдеме и друго, поефикасно решение, што ќе има поголемо влијание и ќе ги мотивира за промена на ставот“, се вели во дописот до Владата.
Трговските центри бараат што поскоро укинување на рестрикциите за невакцинираните граѓани и што поскоро наоѓање друго, алтернативно решение.
„Нашата молба е во суштина повик за помош и разбирање, и е оправдана со нашите реални потреби и проблеми – ако ваквата ситуација продолжи и ако функционираме со драстично намален број на посетители, голем дел од трговците и брендовите ќе бидат приморани да ги затворат своите бизниси, што драстично ќе влијае на голем број вработени и нивните семејства, за кои секојдневната егзистенција ќе стане сѐ потешка и потешка“, се вели во дописот.
Во него се апелира до Владата да се лоцира проблемот надвор од трговските центри и да се работи поодговорно и поинтензивно на стапката на вакцинирани, а не да се доведуваат трговците и вработените во незавидна положба.