Увид во динамиката на изградба на социјалната зграда во Бутел која ќе овозможи дом за 312 семејства од социјално ранливите категории граѓани извршија техничкиот премиер Оливер Спасовски, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и генералниот директор на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, Кристијан Трајковски.
Според Трајковски, станува збор за најголем објект од ваков тип отпочнат досега.
„Во моментов се градат социјални згради уште на 4 локации, а очекувам дека за неполн месец ќе завршат постапките за уште 7 објекти за социјално домување.Интензивната динамика на градба се должи на заедничките напори со Владата да се забрза целиот проект кој 2 години беше во застој’’, рече Трајковски.
Според техничкиот премиер Спасовски, изградбата на социјалните станови е резултат на доследното спроведување на мерките и политиките на Владата за подобрување на социјалната положба на ранливите категории граѓани.
„Колку за споредба, во периодот од 2011 до 2017, или за 6 години биле изградени 678 социјални станови, а во периодот оод 2017 до 2020, или за 3 години досега изградени се или во тек на изградба се 897 стана’’, рече Спасовски.
Динамиката на изградба на оваа, но и на останатите градежни активности, според Сугарески, е потврда на приоритетите на Владата за решавање на егзистенцијалните прашања на најранливите категории граѓани.