Американскиот претседател, Доналд Трамп, во своето последно обраќање до нацијата преку „Фокс њуз“, рече дека тој не стои зад нападот врз Конгресот минатата недела, а истовремено ги повика Американците да ги смират страстите, во време кога Претставничкиот дом зборува за негово отповикување.
„По информациите за нови демонстрации, ве молам, не вршете никакво насилство, какво било кршење на законот или вандализам од каков било вид. Ова е нешто за што никогаш не сум се залагал, а не се залагала ниту Америка. Ги повикувам сите Американци да помогнат во смирување на страстите и тензиите. Благодарам“, рече Трамп, како што објави „Индипендент“.
Тој исто така ги повика големите технолошки компании како „Фејсбук“ и „Твитер“ да помогнат во мирната транзиција на власта следната недела.
Претставничкиот дом на американскиот Конгрес разговара за отповикување на Трамп. Членовите на Долниот дом го обвинија Трамп за поттикнување бунт пред упадот на дел од неговите приврзаници во комплексот Капитол Хил.