Во Северна Кореја досега биле тестирани повеќе од 1.000 лица за коронавирус, меѓу кои немало заразени, потврди претставникот на СЗО, Едвин Салвадор, пренесува „Си-ен-ен“.
Во Северна Кореја, 1.211 лица биле тестирани за коронавирус од 16 јуни, а сите резултати биле негативни.
Сите образовни институции во оваа земја, вклучително и градинките, во моментов се на продолжен летен одмор што ќе трае наредните два месеци.
Во карантин се 696 лица, работници во пристаништето Нампо на западниот дел на брегот и на преминот Синуидзу-Дангдонг, кој се наоѓа на границата меѓу Кина и Северна Кореја, рече Салвадор.
Зголемувањето на бројот на луѓе во карантин е последица на зголемениот обем на стока во пристаништето Нампо и на граничниот премин Синуидзу-Дандонг. Приоритет во транспортот на стоки е даден на лекови, вакцини и медицински производи поврзани со Ковид-19, изјави претставникот на СЗО во Северна Кореја.
Претседателот на Северна Кореја Ким Џонг-ун минатата сабота свика итен состанок, откако дезертер се врати во земјата по три години, за кој се претпоставува дека е заразен со коронавирус, јави државната новинска агенција КЦНА.
Мал број експерти веруваат дека Северна Кореја, земја во која живеат скоро 25 милиони луѓе и која се граничи со Кина, може да ги избегне последиците од пандемијата што инфицира повеќе од 16 милиони луѓе и од која починаа речиси 650.000 луѓе низ целиот свет.