Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун повика на итни напори за обнова на илјадници домови и други објекти, кои минатата недела беа уништени во тајфунот Мајасак, објавија државните медиуми.
Ким претседаваше со состанокот на Централната воена комисија на владејачката Работничка партија, при што се разгледуваше штетата предизвикана во источната рударска област, која беше сериозно погодена од тајфунот, пренесуваат државните медиуми.
Тема на состанокот беше голема штета предизвикана во областа Комдок во провинцијата Јужен Хамгионг, јавува КЦНА.
Регионот на источниот брег е богат со цинк, магнезит и други руди, истакнува „Јонхап“.
Ким рече дека напорите за закрепнување во Комдок се национален приоритет за заживување на „важните артерии на националната економија“ и нареди реконструкцијата на куќите, патиштата и железниците да заврши до 10 октомври, кога владејачката партија слави 75-годишнина од своето постоење.
КЦНА известува дека повеќе од 2.000 куќи и десетици илјади згради биле уништени или поплавени во областа, како и 60.000 метри патишта и 59 мостови, додека сообраќајните системи биле парализирани.
Оштетени се и неколку километри од пругата.