Под мотото „Украдени движења“ од 1 до 7 јуни ќе се одржи фестивалот за современ танц „Танц Фест Скопје 2021“. По 17. пат, ќе се танцува на повеќе сцени во Скопје, а за прв пат една од претставите ќе биде одиграна и во Домот на културата во Тетово.
Во рамките на фестивалот ќе гостуваат Жигон Крајнчан од Љубљана, Словенија, со претставата „Fusion With Myself“, Загребачки плесни ансамбл со кореографијата на шпанскиот кореограф Розе Лопез Еспиноза, насловена како „Ревел Ревел“, а публиката во Скопје и Тетово ќе има можност да ја види и изведбата на францускиот танчер и кореограф Амала Дианор „Ман Рек“.
Воедно, на фестивалот ќе се претстават и младите короеграфи Адријана Данчевска со „Не ми ги допирај очите“, Филип Петковски со танцовиот филм „ВИТРО“, Валентино Апостоловски, кој во соработка со режисерот Благој Мицевски ќе го изведе делото „Најлон“ и Дејан Битровски со „Ѓаволска дупка“.
Во рамки на фестивалот своја програма ќе имаат и студентите по современ танц од Универзитетот „Гоце Делчев“, а втората генерација студенти од Катедрата за современ танц при Филмската академија ќе ја изведат нивната дипломска кореографија.
„Скопје танцовиот театар“ ќе го одбележи својот 10-годишен јубилеј со кореографијата „Меѓусвет“ на Рисима Рисимкин, на музика на Тони Китановски и сценографија на Матеа Мијановиќ, која е инспирирана од песната „Убавите жени“ на Блаже Конески. Со оваа претстава, Скопје танцовиот театар дава свој придонес во славењето на великанот на македонскиот јазик, Блаже Конески и одбележување на 100 години од неговото раѓање.
Традиционално, на фестивалот ќе се доделат и наградите „Менада за врвно остварување и животно дело во областа на танцот“, „Менада за млад уметник“, а ќе биде одбележано со In memoriamи творештвото на истакнатиот балетски уметник Тони Баталаков.
За младата генерација, во рамки на фестивалот ќе се одржи „Отворена програма“ со настапи на танцови студија од Битола, Скопје, Струмица, Велес и Куманово, како и повеќе работилници за современ танц со странските гости.
Влезот за сите претстави е слободен, со ограничен број на места, во согласност со Ковид-19 протоколите.
Програмата е поддржана од Министерството за култура, Амбасадата на Кралството Холандија, Францускиот институт Скопје, Француска амбасада и Театроскоп, Белград и Град Скопје.
Текстот „Танц Фест“ од 1 до 7 јуни во Скопје и Тетово е превземен од МАКФАКС.