Скопје, 8 март 2020 (МИА) – Организатори за складирање мобилни телефони првпат во септември лани беа поставени во десет основни училишта на територијата на Општина Карпош. Учениците и наставникот за време на наставата имаат можност во еден од организаторите пред почеток на часот да го остават својот мобилен телефон и да си го земат по завршување на часовите. Ова е пилот-проект на Здружението за дислексија „Ајнштајн“, поддржан од ЕУ.
Проектот е насловен „Вклучи внимание“, а моментално од Здружението работат на стратегија и се во потрага на извори за финансирање на овој проект да се спроведе и во други општини во земјава.
Идејата, како што наведоа од Здружението за МИА, произлезе од скандинавските држави каде што ова се применува многу поодамна. На почетокот тие биле скептични како ќе успеат да го реализираат, но велат дека запазувајќи го целиот процес со сите негови фази, проектот се реализирал многу поуспешно од што очекувале.
Ова беше поттик за уште неколку општини да воведат мерки за намалување на зависноста од паметните телефони кај учениците.
– Ова за нас претставува големо задоволство што претставуваме пример и успеавме да ги поттикнеме и останатите општини да воведат мерки за намалување на зависноста од паметните телефони кај учениците. Но, тука има многу факти што треба да се согледаат и на нив внимателно да се работи. Затоа што само со донесување одлука за забрана на мобилни телефони и поставување т.н. организатори/џебови за нив нема да постигнеме ништо, туку напротив ќе добиеме спротивен ефект. Намалувањето на зависноста од мобилните телефони е процес што се состои од неколку фази, кои ние во рамките на проектот ги спроведовме, рече за МИА Мартин Трајановски, проектен координатор на проектот „Вклучи внимание“.
Од Здружението велат дека се зголемува бројот на училишта и од другите општини, кои секојдневно се јавуваат и сакаат да добијат вакви организатори за мобилни телефони.
Родителите задоволни од мерката, но дел се скептици
Иако генерално родителите се задоволни од проектот, дел од нив не го гледаат ова како трајно решение на проблемот со неконтролирано користење мобилни телефони за време на часовите.
Мајка на шестоодделенец од основно училиште во Куманово појаснува дека организаторите ги поставиле најверојатно наставниците бидејќи, како што вели, тие како родители не биле известени за ова. Организаторите, објаснува таа, одлично функционирале првите неколку дена, меѓутоа не покажале ефект.
– Шкафчињата за телефони се употребуваа само првите денови. Но, честопати се случуваше дел од децата да ги заборават своите телефони во шкафче или, пак, да се буткаат додека ги оставаат телефоните таму. Мислам дека затоа е најдобро да ги чуваат телефоните со себе за време на часовите, нормално да не ги користат, но да бидат кај нив, така и ние како родители сме посигурни. Во класот на моето дете шкафчињата уште се поставени, но повеќе не се употребуваат. Сепак, во другите класови мислам дека се користат, појаснува мајката.
Во организаторите е предвидено, покрај учениците, и наставниците да ги оставаат своите паметни уреди за време на наставата, но не секаде е случај.
Наставничка од основно училиште во Општина Карпош вели дека со овој проект се опфатени само учениците. Организатори, како што информира таа, се поставени само во предметна настава од 6 до 9 одделение, а родителите биле согласни со оваа новина.
Од Општина Карпош, пак, тврдат дека согласност е дадена не само од родителите, туку и од стручната јавност.
– Се организираа консултативни средби во училиштата, со наставниот кадар, родители и ученици. Имавме и јавна дебата, на која учествуваше и градоначалникот Стефан Богоев, стручни лица – педагози, социолози, експерти по комуникации и сл. Се зборуваше за придобивките од овој проект, многу порано пред да се воведе. Дебатата беше во јуни 2019, пред почетокот на новата учебна 2020 година, соопштија од Општината за МИА.
Од Здружението „Ајнштајн“ наведоа дека во училиштата во Општина Карпош организирале панел-дискусии со родителите на кои им ја презентирале анализата од спроведените истражувања за степенот на употреба на мобилните теелфони за време на часовите, но и ги информирале и за штетните влијанија од современите технологии врз развојот на децата.
– Кога на родителите убаво ќе им ги предочите фактите какво е влијанието од прекумерното користење на современите технологии, сигурен сум дека нема да има родител што не би се согласил за спроведување ваков проект, посочија од Здружението.
Општина Ѓорче Петров по барање од родителите и наставниот кадар донесе одлука за забрана за употреба на мобилни телефони за време на наставата.
– Сметаме дека на овој начин учениците и наставниците ќе останат фокусирани на наставата и дека таа ќе се одвива непречено. Досега имаме доста позитивни реакции од родителите и поддршка да продолжиме со реализација на мерката, велат за МИА од Општината.
Со мерката до поголема концентрација на часовите, наставникот како пример
Според Трајановски од Здружението „Ајнштајн“, сè уште е рано за да можат да се измерат ефектите од самиот проект.
– Сметаме дека доколку одлуката биде почитувана од страна на училишните раководства и тие ја спроведуваат во пракса, сигурно дека учениците се поконцентрирани и многу пофокусирани за време на наставата, вели Трајановски.
Со самото почнување на овој процес, од Општина Ѓорче Петров информираат дека се воспоставил и систем на следење на ефектите од мерката.
– Ефектите ги следат педагошките служби, директорот и претседателите на паралелките (ученици) со носење извештај на крајот на секоја недела, сублимиран на крајот на месецот. Првичните неофицијални ефекти од оваа мерка говорат за големо почитување на донесената одлука, со одредени минимални отстапки, кои се коригираат во текот на самиот работен ден. Во наставниот процес мерката има повеќе од очекуваните ефекти, затоа што примерот на наставникот е пример за учениците, а тоа говори за подобра дисциплина на часот, ефективност и ефикасност во самиот наставен процес, наведоа од Општината.
Според искуството на Општина Карпош, правилата се почитуваат, има поголема концентрација за време на часовите, а целта била таа, да се обрне внимание на наставата и образовниот процес.
Наставниците велат дека има ефект. Во почетокот, како и кај секоја промена, имало негодување, но сега се навикнати и, според нив, часот тече беспрекорно. Не ги мислат телефоните како на почетокот.
Марија Спасовска
Бисера Трајковска