Утрински Весник
Македонија
300x250 opst2

С. Македонија, Словачка и Чешка заеднички ќе ја организираат манифестацијата „По трагите на светите Кирил и Методиј“

С. Македонија, Словачка и Чешка заеднички ќе ја организираат манифестацијата „По трагите на светите Кирил и Методиј“
Img 7972

Северна Македонија, Словачка и Чешка заеднички ќе ја организираат манифестацијата „По трагите на светите Кирил и Методиј“, информираат од Владата на РСМ.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска го прими амбасадорот на Република Словачка Хенрик Маркуш, кој на средбата го претстави долгогодишниот организатор и иницијатор на манифестацијата „По трагите на светите Кирил и Методиј“ Стојан Лекоски, наш сонародник кој повеќе децении живее во Словачка.

Господинот Лекоски на средбата информираше дека оваа година „По трагите на светите Кирил и Методиј“ е вклучена во Европската програма за регионален развој и ќе се реализира со учество на Република Чешка и Република Северна Македонија, покрај традиционалниот домаќин – Република Словачка.

Премиерот Заев на средбата предложи, а од страна на гостите беше со задоволство прифатено како укажана чест, оваа година настаните во рамките на манифестацијата „По трагите на светите Кирил и Методиј“ што ќе се организираат во Северна Македонија, да бидат вклучени во програмата за одбележување на 30-годишнината од прогласувањето на независноста на нашата земја.

„Да покажеме заедно со Словачка и Чешка дека делото на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј е од заедничка вредност за паметење и чествување на сите словенски народи и од огромно значење за европската духовна и културна историја“, истакна премиерот Заев на средбата.

На средбата со амбасадорот Маркуш се разговараше за взаемната соработка меѓу Словачка и Северна Македонија во процесот на европските интеграции на нашата земја, како и за економската соработка за која има потенцијали за дополнителен развој.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Во Маврово над 30 сантиметри снег, вработени во НП Маврово ги чистат паднатите дрвја на коловозите 

30 години од атентатот врз претседателот Глигоров

Поради врнежи од снег забрана за тешки товарни возила на патот Дебар – Маврово