Штип, 20 февруари 2020 (МИА) – Празните акумулации и ниските водостои на реките во источниот регион ги мачат земјоделците, но и комуналните претпријатија. Минималните врнежи од дожд и снег во овој период од годината се чувствуваат на нивото на подземните води. Комуналните претпријатија во Кочани, Штип и Карбинци се загрижени поради ниското ниво на подземните води, бидејќи граѓаните во градските, но и во руралните средини ги снабдуваат со вода за пиење од бунарски системи. Директорот на ЈП „Водовод“ – Кочани, Андреј Киров, за МИА вели дека Кочани две години нема рестрикции на вода во текот на летото, но лани во октомври алармантно било намалувањето на подземните води во бунарите. Во тој момент спас им биле ниските температури, кои ја намалиле потрошувачката на вода. Раководството на ова комунално претпријатие го загрижува сушата во овој период од годината, па затоа и планираат инвестиција во нов бунар.
– Ние се подготвуваме да ископаме уште еден нов бунар каде што ќе можеме да обезбедиме дополнителни 30 – 40 литри во секунда вода за да можеме да обезбедиме доволни количини вода во текот на летните месеци. Новиот бунар е со цел да не дојдеме до ситуација да правиме рестрикции на водата, вели Киров.
За разлика од Кочани, Штип и Карбинци гледаат спас во приклучувањето на Хидросистемот „Злетовица“, но вода за пиење од браната Кнежево ќе добијат кон крајот на оваа година или на почетокот на наредната година, бидејќи во тек се подготовките во Штип за реконструкција на Филтер-станицата и набавка на нова опрема, а во Карбинци се чека час поскоро да почне изградбата на Филтер-станицата, од која ќе се снабдуваат со вода за пиење вкупно осум села. За ова лето и кај нив постои страв дека сушата ќе им направи сериозни проблеми во водоснабдувањето. Градоначалникот на Општина Карбинци, Јордан Насев, за МИА вели дека и тие веќе размислуваат за ставање во функција нови бунари.
Директорот на штипското комунално претпријатие „Исар“, Живко Тасев, засега е оптимист дека, и покрај ниското ниво на подземните води, ова лето Штип ќе нема проблеми со водоснабдувањето.
– По ставање во функција на двата нови бунари досега немаме проблеми. Но, во зависност од водостојот на река Брегалница не знаеме што ќе се случува во наредниот период, но мислам дека сме на границата, вели Тасев.
Во моментов проблеми со водоснабдувањето лете и зиме немаат општините Пробиштип и Свети Николе, кои се приклучени на Хидросистемот „Злетовица“ и со вода се снабдуваат од браната Кнежево.
Браната Калиманци полна само 30 отсто
Браната Калиманци, која дава живот и ги наводнува нивите од Виничко до Овче Поле е полна само 30 проценти. Директорот на регионалната подружница на АД Водостопанство „Брегалница“ – Кочани, Дени Митров, за МИА вели дека загрижува што подземните води се спуштени, а дотокот на вода е минимален.
– Во моментот во Калиманци се акумулирани близу 32 милиони кубни метри вода, што е околу една третина од нејзиниот вкупен капацитет. Во споредба со истиот период минатата година, кога имавме скоро двојно повеќе вода, сезонава се оценува како сушна. Дотокот од реката Брегалница и од останатите притоки е исклучително низок, односно под нормалата од околу еден кубен метар во секунда, што дополнително негативно влијае врз полнењето на браната. Состојбата во акумулацијата Гратче е поповолна, но таа не може битно да влијае врз вкупната состојба. Се надеваме на извесно подобрување во наредниот период, односно дека до средината на април, односно до почетокот на сеидбата на оризот ќе ги обезбедиме потребните минимални количини, вели Митров.
Тој забележува дека проблеми со празни акумулации и ниски водостои на реките нема само во земјава, туку сушата ги мачи и соседните земји.
– Состојбата е иста секаде на Балканот. Потребен е период на обилни врнежи за да се наполни браната. Слична беше состојбата пред три години, но тогаш нè спасија врнежите во јануари и февруари и подготвени ја пречекавме сезоната за наводнување. Очекуваме поголеми врнежи од дожд во текот на март, кога и се очекува да се подобри состојбата со браната Калиманци, вели Митров.
Ова го потврдува и штипјанецот Киро Маџунаров, кој го мери нивото на реката Брегалница и колку се врнежите во текот на еден месец и на годишно ниво. Според неговите мерења, јануари 2020 година е еден од најсушните месеци. Податоците во овие тетратки, во кои уредно се бележи водостојот на реката и на дождовите, говорат дека годината што помина била една од најсушните во последните десет години.
– Минатата година имавме врнежи од 382 литри на квадратен метар. И претходните две години било под минимумот, што значи и 2017 и 2018 година било 482 литри на квадратен метар, додека за јануари 2020 година наврнале само шест литри на квадратен метар. Алармантна е состојбата со хидролошката состојба во овој регион, вели Маџунаров.
Земјоделците гледаат спас во „господ“
Земјоделците од источниот регион стравуваат дека сушата ќе удри пред сè врз приносите на житните култури. Сеидбата ја завршија во ноември и декември, а засега велат дека е рано да се бара прогласување елементарна непогода. Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев, вели дека во моментов житариците се оставени на „господ“. Дополнителното прскање и ѓубрење ќе удрат и врз џебот на земјоделците. Виновник во овој случај се климатските промени.
– Засега е рано да се бара прогласување елементарна непогода. Треба да се види какви ќе бидат приносите, врнежите од дожд во текот на пролетта, па потоа ќе разговараме. Имаме контакти со ресорното министерство за актуелните состојби во земјоделство и ќе ги решаваме заеднички проблемите, вели Шаклев.
Во Водостопанство „Брегалница“ е изготвен првичниот план за наводнување за претстојната сеидбена сезона, според кој се предвидува во Кочанско со ориз да се засеат над 3.600 хектари. Земјоделските производители сметаат дека во овој момент таквите предвидувања се оптимистички, поради што најверојатно ќе има корекции и намалување на површините пред конечното донесување на планот. Од водостопанската подружница во Кочани истакнаа дека Годишниот план за одржување на земјените канали и речните корита во регионот се исполнува без проблеми. Од планираните околу 260 километри каналска мрежа, досега е прочистена околу половина, а останатиот дел ќе се реализира во наредните два месеца.
Справувањето со климатските промени во источна Македонија се гледа во изградба на нови брани и санација на постојните системи за наводнување, а општините во реконструкција на старите водоводни мрежи, но и во нови бунарски системи или брани, кои ќе ги снабдуваат градовите и селата со вода за пиење.
Викторија Димитрова-Јованова
Тони Ајтовски