3 март 2020
Бета – Белград
Кој има најголема шанса да стане претседателски кандидат на Демократската партија на САД ќе биде појасно по денешните избори во 14 сојузни држави, за време на таканаречениот „супер вторник“.
Во трката за кандидат на демократите кој ќе се спротистави на претседателот на САД Доналд Трамп на изборите на 3 ноември, останати се шестмина политичари, поранешниот потпретседател на САД, Џозеф Бајден (77), сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс (78), милијардерот Мајк Блумберг (78), сенаторките од Масечутес и Минесота, Елизабет Ворен (70) и Ејми Клобучар (59) и конгресменката Талси Габард (38).
По убедливата победа на Бајден на изборите во Јужна Каролина во саботата, од трката ненадејно се повлече поранешниот градоначалник на Саут Бенд, Пит Бутиџиџ (38).
Демократите денеска гласаат во 14 сојузни држави, Калифорнија, Јута, Колорадо, Оклахома, Тексас, Минесота, Арканзас, Тенеси, Алабама, Северна Каролина, Вирџинија, Масачусетс, Вермонт и Мејн и американската територија, Американска Самоа.
Значењето на „супер вторник“ е во тоа што во овие 14 држави и една територија избираат 1.344 од 3.979 (34 отсто) делегати кои на Демократската национална конвенција од 13 до 16 јули во Милвоки, ќе одлучат за партиски кандидати за претседател и потпретседател на САД.
Внатрепартиски избори за делегати досега се одржани во четири сојузни американски држави, Ајова, Њу Хемпшир, Невада и Јужна Каролина, каде вкупно одбрани 155 делегати.
Во моментов води Сандерс со најмалку 58 освоени делегати, по него е Бајден (најмалку 50), а потоа следат Бутиџиџ (26), Ворен (осум) и Клобучар (седум).
„Супер вторник“ треба да покаже доста појасна слика за силата и шансите на кандидатите за добивање номинација
Ветер во грбот на Бајден пред „супер вторникот“ даде убедливата победа во Јужна Каролина, со што Бајден е повторно главен кандидат на партискиот естаблишмент и умерените демократи.
Претставници на естаблишментот на Демократската партија отворено истапија против Сандерс, кој себеси се опишува како демократски социјалист и е познат по критикување на нееднаквоста и неолиберализмот.
Сандерс, кој победи на изборите во Њу Хемпшир и Невада, пред гласањето во Јужна Каролина имаше 30 делегати повеќе од Бајден, а сега има само осум.
„Супер вторник“ е значаен и поради тоа што во борбата за гласови денеска влегува и поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајк Блумберг, еден од најбогатите луѓе во светот. Блумберг не учествуваше на изборите во првите четири држави бидејќи во трката се приклучи подоцна, кон крајот на ноември.
Блумберг се стреми да ги направи расните прашања клучни во својата кампања. Тој призна дека има привилегија како белец, објави неколку предлози за промена на кривичните закони и доби поддршка од познати функционери од Афроамериканските редови, вклучувајќи го и градоначалникот на Вашингтон, Мјуриел Баузер и неколку влијателни конгресмени.
Повлекувањето на центристот Бутиџиџ, силен ривалот на Бајден,е голем чекор во борбата на поранешниот потпретседател на САД да стане главна алтернатива на Сандерс. Меѓутоа, сè додека Блумберг е во трка, враќањето на Бајден на таа позиција е далеку од извесна.
Американските медиуми наведуваат дека „супер вторник“ треба да покаже дали во борбата за демократска номинација ќе останат дваја или тројца политичари или Сандерс ќе добие недостижен број на делегати.
На денешните избори Сандерс важи за фаворит во неговиот Вермонт, како и Јута, Колорадо, Мејн, додека Бајден може да има предност во јужните држави со бројни афроамерикански жители, како што се Тексас, Алабама и Северна Каролина.
На изборите во Јужна Каролина, Бајден доби повеќе од 60 отсто гласови од Афроамериканците, а Сандерс 16 отсто.
На внатрепартиските избори во Демократската партија во 2016 година, поранешната државна секретарка, Хилари Клинтон го победи Берни Сандерс, но во ноември истата година загуби од Трамп на претседателските избори.
„Супер вторник“ постои и во Републиканската партија на Трамп, која, исто така, формално одржува внатрепартиски избори за кандидат за претседател. Меѓутоа, кандидатите не се сметаат за релевантни, бидејќи актуелниот претседател на САД нема ривали и неговиот пораз е незамислив.
Токму поради тоа што номинацијата на Трамп е извесна, внатрепартиски избори кај републиканците нема ни да се одржат во седум сојузни држави. Делегатите на тие држави ќе го поддржат Трамп на Републиканската национална конвенција во Шарлот од 24 до 27 август. ки/ссм/