Вевчани, 12 март 2020 (МИА) – Активности за изградба и модернизација на патна и комунална инфраструктура со вкупна вредност од околу 613 милиони евра во моментов се реализираат во охридско-струшкиот регион. Ова денеска го посочи министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, кој заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов беа во посета на Општина Вевчани.
Сугарески и Китанов, заедно со градоначалникот на Вевчани, Сашо Јанкоски извршиja увид во рехабилитацијата на регионалниот пат Вевчани-Октиси, кон граничниот премин Ќафасан. Реконструкцијата на патниот правец се реализира во рамки на програмата на Јавното претпријатие за државни патишта за 2019 година, активности започната минатата година. Предвидена е целосна реконструкција на патот во должина од осум километри, зафат вреден 670 илјади евра.
– Покрај реализацијата на веќе започнатите проекти, годинава планираме значително да го подигнеме нивото на капиталните инвестиции за што предвидовме нови проекти за подобрување на целокупната инфраструктура во државата. Покрај изградбата на автопатот Кичево-Охрид како најкрупна инвестиција, во тек се рехабилитации на повеќе патни правци во овој регион, а во текот на следниот период започнуваме со нови рехабилитации како на пример патните правци Охрид – Свети Наум, Струга – Ќафасан и други, истакна во оваа прилка Сугарески.
Тој уште појасни дека за подобрување на локални патишта и улици Општината Вевчани преку Министерството за транспорт и врски како дел од проектот за локални патишта има добено на располагање преку 540 илјади евра, а општините Охрид и Струга над милион евра, средства наменети исклучиво за реконструкција на санација на локалните патишта и улици.
– Во делот на комуналната инфраструктура во тек е изградба на канализационата мрежа во повеќе населени места во Струга, а следнава недела ќе го потпишеме и договорот за реконструкција и изградба на водоводна и канализациона мрежа на улицата „Абас Емин“ во Охрид, рече Сугарески.
Според директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов, градежните работи на регионалниот пат Вевчани – Октиси се очекува да бидат завршени до крајот на месецот, а исто така најави дека оваа година се започнува со рехабилитација и на патниот правец Струга – Ќафасан.
– Во меѓувреме се работи и на рехабилитации на патните правци Струга – Мислодежда и Мислодежда–Збажди. Исто така ја завршивме рехабилитацијата на патот Бороец – Јабланица каде следува санација на свлечиштето, а денес заврши и изградбата на патот на потегот фабрика Вевчанка – Здравствен дом Вевчани, со што слободно можам да кажам дека во овој Струшко-Вевчански регион се работи на подобрување на патната мрежа како никогаш досега, рече Китанов
Тој потсети дека минатата година се рехабилитирани 500 километри патишта во државата, во моментов се работи на околу стотина, зафати почнати минатата есен. Наскоро ќе бидат објавени тендери за рехабилитација на уште 465 километри патна мрежа, додека за патниот правец Струга-Ќафасан тендерот ќе биде објавен за дваесетина дена и веднаш потоа почнуваат работите на терен.
Што се однесува на автопатот Кичево-Охрид, Китанов истакна дека очекува до почетокот на летната сезона да бидат пуштени пет километри од двете страни на автопатот од Охрид кон Струга, додека до крајот на годината да бидат пуштени во употреба околу 15 километри од автопатот.
Градоначалникот на Општина Вевчани, Сашо Јанкоски, од своја страна истакна дека после 15 години државата за првпат инвестира во подобрување на патната мрежа во вевчанскиот крај, што е од огромно значење како за квалитетот на живот на граѓаните, така и за поттикнување на туризмот и локалниот економски развој. аб/дма/