Дона Петрова е реизбрана за лидер на студентите на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. Петрова и досега беше претседател на Универзитетското студентско собрание на битолскиот универзитет, а со повторниот избор нејзиниот мандат се продолжува за уште една година.
Од УКЛО соопштија дека на конститутивната седница на 11 ноември, покрај успешниот избор на Претседател и членови на раководството на УКЛО, избрани се и претставници на студентите во органите и телата на Универзитетот.
Во изјава за „Мета.мк“ реизбраниот студентски лидер, Дона Петрова, вели дека изборите поминале во најдобар ред. Таа била единствениот пријавен кандидат за Претседател на УСС и ја добила поддршката од сите членови кои присуствувале на конститутивната седница.
„На седницата присуствуваа 16 членови легитимно избрани на нивните факултетски собранија, па можевме слободно да ги одржиме изборите во просториите на универзитетот, нормално со дистанца и со сите останати протоколи. Универзитетското студентско собрание на УКЛО брои 22 члена, но на два факултета – Факултетот за безбедност во Скопје и Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, сè уште не е извршен изборот на претставници на факултетските собранија. Меѓутоа изборите таму се во тек и ќе завршат набргу, по што ги очекуваме и нивните претставници да ни се придружат веќе на втората седница“, вели Петрова.
Таа додава дека ќе продолжи со успешно извршување на функцијата. Гласањето за Претседател на УСС, како и изборите за претставниците на факултетските собранија на УКЛО се одвивале преку гласање во живо, со физичко присуство.
„Во државата не постои законска поткрепа за онлајн гласање. Кога станува збор за тајно гласање, тоа мора да се одржи со физичко присуство. Предноста кај нас е што ние сме помал број на студенти, односно Универзитетот има помалку единици“, вели Петрова.
На најголемиот универзитет во државата, „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, пак, претстојат избори на повеќето факултети. Некои од нив, како Филозофскиот и Економскиот, веќе ги спроведоа изборите за студентски претставници.
Во меѓувреме, најавени се датумите за избори на другите факултети. На Правниот факултет „Јустинијан Први“ и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, тие ќе се одржат на 4 декември со тајно гласање преку лиценцирана платформа за електронско гласање. Електронски ќе се гласа и на Филолошкиот факултет на 11 декември, како и на Факултетот за драмски уметности на 15 декември.
Машинскиот факултет пак, изборите ќе ги спроведе во своите простории на 7 декември. Со физичко присуство ќе се гласа и на Факултетот за ликовни уметности на 30 ноември и на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер на 1 декември.
Студентите можат да се пријавуваат или пак да предлагаат кандидати за членови на Факултетските студентски собранија, согласно упатствата наведени во распишаните конкурси на секој факултет.
После изборите и составувањето на факултетските студентски собранија, на конститутивна седница на Универзитетското студентско собрание треба да се избере новиот студентски лидер на УКИМ. Во моментов на оваа позиција е Борјан Ефтимов од Правниот факултет.