Властите во Сиднеј наредија делови од градот да се затворат од полноќ, откако во источните предградија на градот се појави кластер на заразени лица, што порасна на 65 случаи.
Жителите на четирите градски области и луѓето кои работат во нив мора да останат дома освен ако не е апсолутно потребно да излезат, рече премиерката на Нов Јужен Велс, Гладис Береџиклијан, откако објави дека здравствените власти регистрирале 22 нови случаи на инфекција од последниот извештај.
Важни причини за напуштање на домот се одење на работа или образование, пазарење, здравствена заштита или вежбање на отворено.
Здравствената службеничка Кери Чант вели дека е наредено да се остане дома за да им се олесни на властите да ги пронаоѓаат новите инфекции.
Државата Нов Јужен Велс регистрираше 5.507 случаи на инфекција и 56 смртни случаи од почетокот на епидемијата. Во моментов, 56 лица се лекуваат од Ковид-19, а едно е на интензивна нега.
Австралија досега успеа да ја задржи пандемијата под контрола со примена на многу строги мерки, вклучително и затворање на меѓународните граници од март 2020 година, со неколку исклучоци.
Сега властите се обидуваат да го држат под контрола ширењето на новиот позаразен делта вид на коронавирусот.