Тетово, 1 јуни 2020 (МИА) – Министерство за здравство и Фондот за здравствено осигурување на сите матични стоматолози да им доставуваат секојдневно листа со лицата позитивни на вирусот и тие во самоизолација, а се регистрирани како матични пациенти во таа ординација. Вакви се барањата на стоматолозите од Тетово кои потенцираат дека така ќе можат да се заштитат самите и сите останати кои доаѓаат на интервенција.
-Јас како матичен стоматолог, во моментов како што медиумите пишуваат „општината што гори, немам никаква информација за ниеден од матичните пациенти дека е заразен или во самоизолација, а не можам да ги почитувам докрај мерките и пациентот да ја носи маската во целиот период на интервенцијата. Ние стоматолозите очи во очи се соочуваме со вирусот со препорачана дистанца од 30 сантиметри, распрскани аеросоли, интервенција која бара прецизност. Од друга страна од две маски, наочари, визир, капа, скафандер – освен замаглување на наочарите не гледаш ништо, задржуваш здив за да можеш да му ја скратиш маката на пациентот, за кога ќе замине да те благословува што вечерва ќе може око да склопи, после минатата непроспиена ноќ, вели д-р Маре Серафимовска, стоматолог од Тетово.
Таа смета дека сите се подеднакво загрозени од Ковид 19 и поради поделбите во општеството.
-Поделени институции, празни ветувања, борба за парламентарно столче, министерско место, создавање непослушност, меѓусебна верска омраза, се главните кластери на Ковид-19, многу едноставно е. Сите сме исти, подеднакво имуни, без селекција, и не ме интересира кој од „функционерите“ е во самоизолација или заразен, ме интересираат сите заради кои тие се таму, вели д-р Серафимовска.
Граѓаните и читателите на интернет порталите по новинарските извештаи секојдневно бараат подетални информации за тоа од кои места се заразените од коронавирус. ас/ев/