Кога го чествуваме Блаже Конески, ние ја чествуваме убавината – преку неговата уметност, потоа високата морална свест и супериорноста на разумот, знаењето и доблеста, како и највисокиот степен на еманципација, ги чествуваме извонредноста во работата и работната етика. Ги чествуваме човечноста, толеранцијата, ширењето на културата на мирот и, конечно, љубовта кон својата земја оти само преку таа љубов, но во комбинација со темелното знаење, и Блаже станал не патриот, туку граѓанин на светот, истакна министерката за култура, Ирена Стефоска, на промоцијата на аудиовизуелните записи од поезијата на Блаже Конески, како и на кусиот запис за животот и делото на великанот на современиот македонски јазик и култура.
Министерката Стефоска на промоцијата што се одржа во дворот на Министерството за култура се осврна и на сето она што го создал големиот Конески во книжевната наука, во лингвистиката, во поезијата, во фолклористиката, во славистиката… Сето тоа, како што рече, покажува дека тој бил мислител што успевал секогаш со едноставен јазик да ги искаже есенцијалните нешта на нашиот културен индентитет.
Таа пред присутните прочита и извадок од есејот „Мигот“ од Блаже Конески нагласувајќи дека тој е човекот што суштински придонесува македонскиот јазик и македонската книжевност да станат дел од, како што вели тој, светскиот литературен процес.
Со годината посветена на Блаже Конески, како што рече министерката, пак, сакаме да ги зачуваме и да им ги пренесеме на идните поколенија неговите постигнувања и неговиот етос: стремежот кон извонредност во науката, неговата уметност во поезијата – сето тоа што е целосно и посветено на македонскиот јазик и култура.
Видеата се изготвени во рамките на програмата „2021 – година во чест на Блаже Конески“, која е дел од календарот на значајни јубилеи поддржани од УНЕСКО, а по повод одбележувањето на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на поетот, македонист, академик и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик.
Текстот Стефоска: Со чествувањето на Блаже Конески ние ги негуваме љубовта кон нашата земја и културата на мирот е превземен од МАКФАКС.