Утрински Весник
Македонија

Стерјовски: Бугарско малцинство во Албанија не постои, институциите да не потклекнат на притисоците

Стерјовски: Бугарско малцинство во Албанија не постои, институциите да не потклекнат на притисоците

Тирана,14 февруари 2020 (МИА) – Пратеникот од единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, на пленарна седница на Парламентот во Тирана, ја изнесе, како што рече, загриженоста на македонската заедница во Албанија, која изминатите години се соочува со растечки тренд и континуирани напори на бугарските власти да го асимилираат македонското малцинство.

-Пред две години нашата држава го донесе Законот за заштита на правата на малцинствата во Република Албанија. Иако во предлог-законот на Министерството за Европа и надворешни работи до Параламентот се нотира постоењето на осумте национални малцинства (Грците, Македонците, Власите, Србите, Црногорците, Бошњаците, Ромите и Египќаните), во последен момент, нашата земја потклекна под притисокот на Бугарија со уцена за вето за влез во Европската Унија и во законот се вметна признавање на непостоечко бугарско малцинство во Албанија, рече Стерјовски од собраниската говорница.

Посочи дека бугарско малцинство во Албанија не постои.

-Укажавме и потврдивме дека се работи за егзистенција на македонското малцинство и дека признавањето на бугарско малцинство значи геноцид за Македонците во Албанија. Истовремено, посочивме, дека Бугарија ќе го злоупотреби своето членство во Европската унија со цел да ја продлабочи горенаведената цел, а тоа е асимилација на македонската заедница во Албанија и создавање непостоечка бугарска заедница, изјави Стерјовски.

Во законот, како што рече, не пишува каде живее ова малцинство во Албанија, но Бугарија повикувајќи се на овој закон, својата пропаганда ја насочила во регионите каде што традиционално живее автохтоното македонско малцинство во Албанија, областите Преспа, Голо Брдо и Гора, како и во селото Врбник во Деволската област.

-Во Албанија, според сите историски факти и пописи спроведени со годините назад, вклучувајќи го и последниот попис од 2011, во областите Преспа, Голо Брдо, Гора и Врбник, каде што Бугарија „бара“ бугарско малцинство, има самопрогласено македонско малцинство кое го има истиот фолклор, традиција и јазик како македонскиот народ во целина во сите држави на Балканот, живее во компактни области на границата со Македонија и има територијален континуитет со државата Македонија, нема никаква врска со Бугарија, нагласи Стерјовски.

Стерјовски рече дека по признавањето на наводното бугарско малцинство, започната е интезивна кампања на Софија за негација и асимилација на македонското малцинство во Албанија, која „посебно е засилена во пресрет на престојниот попис на население кое треба да се спроведе во октомври годинава“.

Исто  така апелираше до албанските институции да не потклекнуваат под притисоците од страна на Бугарија, која како земја членка на Европската унија врши притисок, уцени и закани со бугарското вето,да ги следат „бугарските обиди за вештачко формирање на бугарско непостоечко малцинство во Албанија“.

Од име на македонската заедница тој упати апел до албанската Влада и надлежните министерства и органи, но и до претставниците на меѓународната заедница во земјата, да реагираат, а посебно да внимава албанскиот Институт за статистика. вт/скс/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Разговорите за нова влада во тек, Управен треба да одлучува по одлуките на ДИК за прегласување

108 санкционирани возачи во Скопје

Недела на женско здравје 2024