Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници по повод 3 Мај – Светскиот ден на слобода на медиумите ја испраќа пораката дека само со одговорно, етичко и квалитетно новинарство можеме да се бориме против сите закани кон медиумите и новинарите.
Оваа формула, велат од ССНМ, е успешна и во борбата за економско-социјалната стабилност на новинарите, но и како одговор против малициозните фабрики за лаги кои се претставуваат како новинарство.
„Изминатата година новинарите и медиумските работници, како и организациите во кои работат се соочија со сериозни проблеми поради пандемијата, но успеаа и покрај сите пречки да ги извршуваат своите задачи. Ако највисоката цена за слободата на изразувањето е човечкиот живот тогаш нашата професија ја чинеше пет пати повеќе. ССНМ оддава почит кон петмината колеги кои во време на пандемијата ја загубија битката со Ковид- 19, а нивната посветеност во извршувањето на работните задачи останува вредна за споменување и патоказ дека само одговорно и чесно може да се постигне интегритет на поединецот како нуклеус на оваа префесија“, се наведува во соопштението.
Меѓународната федерација на новинари, на која ССНМ е полноправна членка, неодамна издаде „Бела книга за глобалната состојба на новинарството“, во која првото поглавје е насловено како: „Убиено и затворено новинарство“.
Токму овој наслов, велат од ССНМ, ги објаснува најголемите проблеми на професијата денес. Во последните 30 години убиени се 2,658 новинари, а во моментов 235 новинари се во затвор. Во Македонија, велат од Синдикатот, за среќа не бележиме фатални ситуации, но длабоко поделената јавност, која се храни од омраза и вербално насилство создава атмосфера во која да се биде новинар, снимател, фоторепортер, значи да се биде изложен на сериозен ризик.
Затоа ССНМ и ја предложи и ја води заедно со ЗНМ иницијативата за промени во Кривичниот закон и за институционална заштита на новинарските екипи додека работат.
„Оттука испраќаме порака до властите во Македонија конечно да ги реализираат ветувањата и во најкус можен рок предлогот нападите врз новинарите и медиумските работници да се третира како напад врз службено лице да биде усвоен во Собранието. ССНМ повторно забележа година во која постојано се прекршуваа работничките права во медиумите, а новинарите и медиумските работници продолжија да бидат недоволно платени, во прекаријатски однос, со несигурни работни места. Девизата дека уплашени и економски и социјално несигурни новинари и медиумски работници не може професионално да ја извршуваат својата основна задача – одбрана на јавниот интерес – е актуелна и денес. Затоа сметаме дека само зајакнување на работничките права и на социо-економската состојба на новнарите ќе придонесе кон поголема слобода на медиумите и попрофесионални медиумски производи“, велат од ССНМ.
Од Синдикатот наведуваат дека испреговараните субвенции за плати и придонеси за вработените во медиумите помогнаа да не бележиме масовни отпуштања или затворање на медиуми, но кризата со финансирањето на медиумите мора да се решава системски, а не со ад-хок и брзи решенија.
„ССНМ ја повторува својата заложба дека никако не смее да се дозволи да бидат истурани државни пари во медиумите како во неодамнешното минато, пракса која покажа дека тоа е најлесниот пат за корумпирање на медиумите. Затоа и во оваа прилика повторуваме дека државната помош за медиумите мора да се води според два основни принципи – помош за новинарството и за развој на медиумите, односно финансиските средства да завршуваат кај работниците и во новинарскиот производ според однапред креиран систем со силна контрола и увид, односно процес во кој рамноправен партнер ќе биде синдикатот. „Новинарството е јавно добро“ и така треба да биде третирано и од државата и од јавноста и од медиумите“, се наведува во соопштението.