Скопје, 12 март 2020 (МИА) – Државата да ги субвенционира производно-извозните компании на кои отпаѓаат само 15 проценти од вкупниот бизнис сектор и на кои се надоврзуваат останатите фирми насочени главно кон услужни дејности, апелира Сојузот на стопански комори (ССК).
Според ССК, финансиската поддрша ќе овозможи силен развој, поголема продуктивност и профитабилност на фирмите, зголемување на платите, а со тоа и задржување на вработените тука, во земјава.
-За производните компании кои создаваат реална вредност во земјава треба да има посебни кредитни линии со минимални каматни стапки од еден отсто и со рокови на отплата од 20, 25 па и 30 години, рече денеска на прес-конференција заменик-претседателот на Агробизнис комората при ССК, Горан Ѓорѓиевски.
Осврнувајќи се на мелничко-пекарската индустрија од која доаѓа, Ѓорѓиевски го истакна проблемот со недостиг на соодветен кадар.
-Потребно е дореформирање на образованието во насока на отворање повеќе стручни училишта за продуцирање соодветно квалификувани кадри зашто нам, на индустријата, повеќе ни требаат техничките струки, а не оние од општествените науки. Квантумот на човечките ресурси што излегуваат од средните стручни училишта од каде што сме особено заинтересирани да апсорбираме кадри како пекари, слаткари, готвачи е многу мал, а ваквите кадри полесно наоѓаат работа и се подобро платени. Истовремено, имаме средни училишта кои создаваат непропорционално многу ученици во општи и социјални насоки кои понатаму многу тешко наоѓаат работа, напомена Ѓорѓиевски. мч/дма/