Скопје, 27 февруари 2020 (МИА) – Со меморандум за соработка Македонско-швајцарскиот бизнис-клуб при Сојузот на стопански комори на Македонија ја зацврсти соработката со Бугарско-швајцарската трговска комора. Меморандумот го потпишаа претседателот на Македонско-швајцарскиот бизнис-клуб Јасминка Талеска и претседателот на Бугарско-швајцарската трговска комора, Бони Бонев.
Целта на меморандумот, како што соопштуваат од ССКМ, е унапредување на соработката, вмрежување на компаниите, со прецизирани активности што ќе бидат преземени за зајакнување на партнерството, поттикнување на развојот, промоција на трговијата и економската соработка.
Талеска истакна дека потенцијалите за соработка меѓу коморите се големи, особено во доменот на ИКТ секторот, фармацевската индустрија, секторите осигурување и финансии, како и индустрија, со оглед на тоа што се зголемува деловната соработка со Швајцарија.
-Билатералните економски односи што ги градиме со Швајцарија одат во нагорна линија. Во таа насока и меморандумот што го потпишавме со Бугарско-швајцарската трговска комора е дополнителна можност за зајакнување на релациите, вмрежување на илјадници компании, за заемна промоција и секако интерес за соработка на повеќе полиња како и реализација на заеднички проектни активности. Главната цел е искористување на потенцијалот за зголемување на трговија и инвестиции меѓу нашите држави, изјави Талеска.
Според статистичките податоци, трговската размена меѓу Македонија и Швајцарија во 2019 година изнесува 92 милиони евра со остварен извоз од 36 милиони евра и увоз од 56 милиони евра.
Бугарско-швајцарската трговска комора обезбедува информации и услуги на деловната и инвеститорската заедница во соработка со Швајцарската амбасада во Софија.Бонев истакнал дека се бројни областите за продлабочување на заедничката соработка, реализација на проектни активности со особен фокус на енергетска ефикасност, квалификуван кадар, инфраструктура и создавање квалитетен деловен амбиент.
Македонско-швајцарскиот бизнис клуб е форимиран во Сојузот, со поддршка на Амбасадата на Швајцарија. Во моментов над 40 компании се со стопроцентен швајцарски капитал во земјава или дистрибуираат производи или услуги од Швајцарија на македонскиот пазар.скс/лв/