Книгата „Тито, мојот претпоследен херој“ од авторот Зоран Спасов-Ѕоф неодамна излезе од печат, а средствата од авторските права и дел од средствата од продажбата ќе бидат донирани во „СОС Детско село“. Станува збор за издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и веќе е достапно да се купи во сите книжарници „Литература.мк“ како и да се нарача онлајн на www.literatura.mk.
„Тито на својата смртна постела раскажува за сите негови тајни, дилеми, покајанија, љубови… и тоа не на својот биограф Владимир Дедиер, туку на еден млад лекар од Македонија. Се раѓа неверојатна врска што резултира со мали ноќни шокантни и понекогаш контроверзни разговори кои младиот Филип ги запишува и снима… Секоја ноќ нова тема, нешто како „1001 ноќ“. На крајот, 40 години се чува оваа тајна за оваа година да се открие и преточи во неверојатна приказна. Тоа, дефинитивно е исповед од која застанува здивот и се леди крвта“, вели авторот Спасов за своето дело.
Тој досега има напишано две книги „Тибам штркот“ и „Некогаш некаде“, а средствата од овие две дела, исто така, се донирани во добротворни цели. Со таа цел, авторот Спасов во соработка со издавачката куќа „Арс Ламина“ продолжува со истиот хуманитарен гест и за новото дело.