Скопје, 10 март 2020 (МИА) – Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Сузане Шутц, директорка за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА, во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија. На средбата биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Германија и било констатирано дека се карактеризираат со искрено пријателство, заемна почит и разбирање.
Во тој контекст, како што информираат од кабинетот на Пендаровски, двајцата соговорници го реафирмирале заедничкиот интерес за натамошно зајакнување, проширување и унапредување на соработката во сите области од заемен интерес, особено во економската сфера во која двете држави бележат интензивна соработка.
-Претседателот Пендаровски изрази задоволство од значајниот придонес на Германија на нашиот европски и евроатлантски пат, изразен преку нивната отворена, силна и принципиелна заложба за донесување одлука за почетокот на пристапните преговори за нашето членство во Европската Унија. Тој истакна дека државата во изминатиот период покажа висок демократски капацитет и политичка зрелост, преку спроведувањето на значајни реформски процеси како и преку унапредувањето на добрососедските односи, во функција на обезбедување стабилност и трајна безбедност на регионот. Во тој контекст, имајќи предвид дека нашите европски пријатели тоа го препознаваат и вреднуваат, тој изрази уверување дека Северна Македонија многу брзо, заслужено ќе го добие долгоочекуваниот датум за почеток на преговорите, се вели во соопштението.
Двајцата соговорници размениле мислења и информации и во однос на предизвиците коишто произлегуваат од бегалската и мигрантската криза. Претседателот Пендаровски истакнал дека Северна Македонија континуирано ја следи состојбата и презема мерки и активности за успешно справување со кризата. сст/дма/