Утрински Весник
Македонија

Средба Бислимоски – Морено: Шпански инвеститори ги разгледуваат можностите за вложување во обновливи извори за енергија

Средба Бислимоски – Морено: Шпански инвеститори ги разгледуваат можностите за вложување во обновливи извори за енергија

Скопје, 13 февруари 2020 (МИА) – Можностите за инвестирање во енергетскиот сектор беа главна тема на дискусија на денешниот состанок на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски со директорката на регионалната канцеларија за економски прашања на Шпанија, Ева Поведано Морено, што беше инициран од директорката Морено, а на кој присуствуваа и членовите на РКЕ.

Како што информираат од РКЕ, пренесувајќи го интересот на потенцијалните шпански инвеститори кои ја разгледуваат земјава како дестинација за инвестирање во обновливи извори за енергија, Морено изрази интерес за процедурата за инвестиции во енергетски проекти од обновливи извори. Претседателот Бислимоски, пак, потенцираше дека РКЕ е отворена за соработка да помогне со соодветни информации за самата постапка.

-Инвеститорите се добредојдени, но она што радува е зголемениот интерес за вложување во зелена енергија. Инвестициите во фотоволтаичните електроцентрали се реализираат по новиот модел на премиум тарифа. Станува збор за концепт кој се покажа успешен во поттикнување на инвестициите во овој сегмент, истакна Бислимоски.

Појасни дека во однос на процедурата за инвестиции, во рамките на своите надлежности РКЕ, по поднесени барања носи решенија за стекнување на привремен статус на повластен производител кој користи повластена тарифа за ветерни електроцентрали, биогасни електроцентрали и централи од биомаса. Исто така, пропишува рок во кој енергетскиот капацитет треба да биде пуштен во употреба. Доколку има пролонгирање на изградбата на енергетскиот капацитет РКЕ може да ја продолжи важноста на решението за стекнување на привремен статус на повластен производител. Паралелно РКЕ резервира капацитет согласно привремениот статус за повластен производител и води грижа да бидат согласно одлуката за вкупна инсталирана моќност на повластените производители на електрична енергија и тоа: 160 мегавати за ветерни електроцентрали, 10 мегавати за термоелектроцентрали на биомаса и 20мегавати за термо електро централи на биогас, вкупната инсталирана моќност на фотонапонски електроцентрали за која се доделуваат премии за произведена и продадена електрична енергија изнесуваат 200 мегавати.

Во моментов има 200 повластени производители, а вкупниот инсталиран капацитет изнесува 142,7 мегавати од кои 81,6 мегавати се на 93 мали хидроцентрали, 16,7 мегавати се од 102 фотонапонски електроцентрали, една ветерна електроцентрала има инсталиран капацитет од 36,8 мегавати, три термоелектроцентрали на биогас се со инсталиран капацитет од 6,9 мегавати, а 0,6 мегавати има една термоелектроцентрала на биомаса.

Во тек на градба се вкупно 34 електроцентрали кои се стекнале со привремен статус на повластен производител и тоа 27 мали хидроцентрали (32,8 мегавати), три ветерни електроцентрали и втора фаза од веќе изградена ветерна електроцентрала (113,2 мегавати) и четири термоелектроцентрали на биомаса (2,95 мегавати). вј/дма/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Давкова: НУБ „Св. Климент Охридски” е амбасадор на македонската културна историја и чувар на македонскиот идентитет

СЕОУГС Васил Антевски Дрен, Скопје – лауреат за Европската награда за иновативна настава (EITA) за 2024 година

НИ СЛЕДУВААТ УМЕРЕНИ ДО ЈАКИ МРАЗЕВИ: Температурите ќе се спуштат дури и под -10 степени!