Во последните 24 часа, во Србија биле тестирани 11.123 лица за коронавирус, од кои 1.769 биле позитивни, додека регистрирани се и 35 смртни случаи.
На респиратори во српските болници се 207 пациенти.
Српскиoт национален Институт за јавно здравје објави оперативен план за вакцинацијата против коронавирус, кој постепено и во три фази ќе опфати 50 проценти од населението, или повеќе од 3,2 милиони луѓе.
Во првата фаза ќе се вакцинираат вработените во здравствениот систем со најголем ризик од инфекција и вработените во домовите за стари лица и други институции за социјална заштита, објавено е на интернет-страницата на Институтот.
Втората фаза, која опфаќа до 20 проценти од вкупното население, ќе вклучува постари возрасни групи, лица со хронични болести кои не припаѓаат во старото население и вработени во институции важни за функционирањето на општеството. Во оваа фаза треба да се вакцинираат околу 736.000 луѓе.
Во третата фаза, ќе се вакцинираат околу 1,75 милиони други српски граѓани. Во таа фаза, исто така, би биле вакцинирани и мигранти, баратели на азил во колективно сместување, луѓе кои живеат во нехигиенски услови, бездомници и луѓе кои живеат во крајна сиромаштија, како и затворениците.
Србија во декември минатата година доби 4.875 дози од вакцината на „Фајзер“ / „Бионтек“, а први ја примија премиерката Ана Брнабиќ и двајца членови на Кризниот штаб. Брнабиќ рече дека таа и претседателот Александар Вучиќ ќе бидат вакцинирани со различни вакцини, а Вучиќ најверојатно ќе ја прими онаа на кинеската „Синофарм“.
Претседателот на српскиот парламент Ивица Дачиќ и министерот за внатрешни работи Александар Вулин се вакцинираа со руската „спутник 5“.