Прилеп, 13 март 2020 (МИА) – Во Прилеп и официјално почна реализацијата на проектот „Прилепско езеро- нови авантури, нови можности“. Локалната самоуправа денеска ги потпиша договорите со изведувачот и надзорот на проектот вреден 850 000 евра со средства од ЕУ и на локалната самоуправа. Проектот ќе биде администриран од Светска банка.
Изведувач на работите на проектот е компанијата „Ленди груп ДООЕЛ“ од Скопје, а надзорот на работите ќе ги врши скопската фирма „Диви Македонија ДОО“.
Рокот за изведување на градежните работи е 6 месеци, а со него ќе се подобри и унапреди областа околу езерото и ќе се придонесе за промоција на овој атрактивен дел од околината на градот, популарно излетничко место за прилепчани.
Какао што објаснува проект-менаџерот Борче Јанкулоски од прилепската локална самоуправа во проектот е планирано да се изведат 5 поединечни потпроекти. За овој проект во октомври лани се одржа и јавна расправа.
-Потпроектите опфаќаат: целосно осветлена велосипедска патека од потегот „Маркова чешма“ до селото Присад во должина од 7,3 километри и широчина од 3 метри, со простор за паркинг на велосипеди, уредување на пристапна улица со паркинг–простор од некогашниот мотел на Вештачкото езеро. Оттаму продолжува рекреативно-излетничката зона, како дел од проектот за уредување на мултимедијален простор за изведување на културни и забавни манифестации, концерти и место за дружење на посетителите, со 3 тераси, 6 летниковци и урбана опрема, објасни Јанкулоски.
Воедно, Јанкуловска, истакна дека е планирано е да се изградат и две асфалтни спортски игралишта за кошарка, за пинг-понг и за одбојка. Потоа пешачка патека во должина од 750 метри, а ќе бидат поставени и клупи и канделабри. Целта според Јанкуловски, е да се зголеми пристапноста на ова подрачје како зона за активен туризам и да го врати некогашниот сјај на езерото.
Спортско-рекреативниот комплекс е на 6 километри од градот, со изградба на планираните содржини се очекува тој да биде најпосетуваната локација за прилепчани, кои ќе имаат можност да ги користат сите содржини за спорт, рекреација и за излети во природа. ем/оџ/