Утрински Весник
Македонија

Спасовски: Проблемот со мигрантите подразбира континуирано барање решенија

Спасовски: Проблемот со мигрантите подразбира континуирано барање решенија

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, учестуваше на конференција на тема „Мигрантската криза и земјите од Балканско-Јадранскиот регион”, во организација на Меѓународната полициска асоцијација-ИПА во Република Северна Македонија на која присустваа и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, раководството на ИПА во земјава и гости од соседните земји, претставници на Фронтекс, Македонскиот полициски синдикат и Сојузот на синдикати на Македонија.

„Ќе ми дозволите во оваа пригода да се осврнам на вредностите што ги негува оваа полициска асоцијација, креирана од ентузијазмот и посветеноста на полициски службеници ширум светот, а со идеја за заедничка неформална соработка и дружење, но што е уште позначајно, и за споделување на секојдневните искуства и добри практики со кои се среќаваат полициските службеници во своето работење, па и надвор од него. Уште повеќе што минатата година, оваа полициска асоцијација одбележа еден значаен јубилеј, 70 години од постоењето на ИПА, а годинава, пак, ИПА Северна Македонија прославува 10 години од своето постоење“, рече министерот Спасовски во поздравниот дел од своето обраќање.

Министерот Спасовски потенцираше дека проблемот со мигрантите подразбира континуирано барање решенија на земјите за предизвиците кои ги носи миграцијата, но и цврста одлучност со заеднички активности да ги менаџираме овие миграциски текови, постојано изнаоѓајќи можности за унапредување на постојните форми на соработка во областа на безбедноста, како во регионот, така и пошироко.

„Имено, заедништвото и партнерството кое полициските службеници од Република Северна Македонија, заедно со нивните колеги од осумте европски земји го покажаа во текот на мигрантската криза на јужната граница, каде се случуваат и најголемиот број на обиди за илегално минување на границата, со цел да се стигне до западноевропските земји, се показател дека само со заеднички сили можеме да се справиме со сериозните миграциски предизвици. Оттука, длабоко верувам дека и Меѓународната полициска асоцијација, преку кредибилитетот што го има и својата веќе изградена мрежа, може во огромна мерка да придонесе за проширување на таквата соработка и изнаоѓање на нови модули за поддршка во напорите за справување не само со илегалната миграција, туку и со сите форми на криминал“, истакна Спасовски.

Директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски во своето обраќање потенцираше дека паралелно со предизвиците со кои се соочуваат мигрантите, како од безбедносен, така и од хуманитарен аспект, предизвици имаат и државите низ кои тие минуваат и во таа насока активностите на полицијата се насочени и во делот на превенција и рано предупредување, но и во давање на првичниот одговор во делот на справување со проблемот со мигрантите.

„Годинава, спречени се 15.895 обиди за илегално преминување на границите односно регистрирани се речиси 10 илјади обиди помалку во споредба со истиот период минатата година, и тоа најмногу на јужната граница. Како логична последица на тоа е и трендот на намалување за повеќе од 60% на откриените случаи на криумчарење мигранти, а бројот на поднесени нови барања за азил е намален за 70%.

Успешната борба против илегалната миграција и криумчарењето мигранти најдобро е рефлектирана во заедништвото и партнерството кое на дневна основа го применуваат нашите полициски службеници со нивните колеги од земјите од регионот и ЕУ.“, истакна директорот Тасевски. Министерот Спасовски ја прогласи Конференцијата за отворена посакувајќи им на организаторот и учесниците успешна дискусија ,зајакнување на постојните и создавање на нови пријателства што ќе траат и ќе се негуваат.

Можете да прочитате

Началник од Демир Хисар разрешен поради непрофесионално однесување

Одделот за внатрешна контрола при МВР констатира непрофесионално однесување во случајот со Демир Хисар, началник ќе биде разрешен

На 12 и 14 август полагање на екстерните испити од државната матура во августовската сесија