Утрински Весник
Македонија

Спасовски: Политичките чинители да бидат пример и да ги почитуваат сите мерки

Спасовски: Засега не се размислува за одложување на изборите

Скопје, 12 март 2020 (МИА) – Нема поважна работа од здравјето на граѓаните. И во таа насока побарав согласност која беше прифатена дека е неопходно сите да покажат одговорност и да се однесуваат одговорно, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски, по координативната средба со лидерите од политичките партии за справување со корона вирусот.

Многу е важно, рече Спасовски, сите политички партии да покажат одговорност пред здравјето на граѓаните, да ги следат препораките на институциите и нивните активности и кампањата за изборите да ја приспособат на основа на она што е препорачано во мерките од страна на институциите.

– Дополнително сметам дека политичките субјекти, нивните лидери, политичките чинители имаат уште еден степен на повисока одговорност и треба да биде пример и да ги почитуваат сите мерки што ги преземаат институциите, изјави Спасовски.

На средбата, посочи Спасовски, со министерот за здравство Венко Филипче информирале детално за некои аспекти на преземените мерки и активности и биле отворени сите опции за можен иден развој на настаните и за нашите одговори за сите тие настани.

– За мене претставува очекувано задоволство тоа што на состанокот се обедини заеднички став дека е најважно здравјето на граѓаните. Тоа е пред се и над се, рече Спасовски.

Потребно е, рече тој, на дело да дојде до израз максималната лична одговорност и максималната одговорност за заедницата и за јавното здравје.

– Сите институции постапуваат соодветно, ја следат внимателно состојбата и делуваат по препораките и мерките на дневна основа соодветно на развојот на ситуацијата. Исклучително важно е да се почитуваат препораките, заклучоците и одлуките на Владата кои се однесуваат врз основа на стручните тела за справување со корона вирусот во Министерството за здравство, изјави Спасовски.

Светската здравствена организација, рече Спасовски, прогласи пандемија и тоа е уште една причина повеќе за уште поголема одговорност на сите нас.

– Соодветно на оваа настаната глобална ситуација секоја земја има право да воведе свои автентични мерки и ние тоа го правевме и ќе го правиме и во иднина. Се повикуваме на искуствата на другите, но и на нашите капацитети и на нашите потенцијали. Се разгледуваат дополнителни мерки што произлегуваат од веќе усвоените мерки и што треба да бидат засилени или да се унапредат уште повеќе, нагласи Спасовски.

На седница на Влада што ќе се одржи денеска, посочи Спасовски, ќе се разгледа предлогот на епидемиолозите за забрана на сите јавни приватни собири без разлика на бројот на присутните граѓани, предлогот кафетериите и рестораните да работат скратено и со намален капацитет  на гости, како и предлогот да се откажат сите театарски, кино и други културни настани.

– За сето ова разговаравме на средбата и се согласивме дека сите буквално, вклучително и политичките партии, дека мерките се за доброто на сите граѓани. За заштита на здравјето на народот, за побрзо и ефикасно справување  со состојбата. Наша должност е сите одговорно да ги почитуваме  и да ги следиме препораките, изјави Спасовски.

Изрази уверување до граѓаните дека институциите односно Министерството за здравство има доволен број заштитна опрема, маски, ракавици, дезинфекциски средства и друга опрема и дека тоа не треба да биде прашање за загриженост.

– Дополнително имаат обврска сите институции на системот  во државата  да ги надополнуваат постојано резервите и да прават нови набавки. Владата даде задолжение секоја институција да спроведе набавка за заштитна  опрема согласно нивните проценки и нивните  капацитети, рече Спасовски. аа/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор