Премиерот, Оливер Спасовски, денеска оствари работна посета на Куманово, на увид во работите на спортската сала при средното училиште „Наце Буѓони“.
„Куманово во времето на режимот беше целосно запоставено и воопшто не постоеше на агендата за проекти од страна на тогашната режимска власт. Така беше и во делот на инвестициите во капиталните проекти во образованието. Оваа Влада ја направи видлива разликата и на овој план на ниво на целата држава. Завршена е изградбата и рехабилитација на повеќе од 13 основни и средни училишта, во вредност од речиси 70 милиони денари. Во тек е рехабилитацијата на уште 8 основни и средни училишта во вредност од близу 12 милиони денари (11.781.989,00 ). Само со правилен раст и развој може да успееме да и дадеме шанса на нашите млади да чекорат по патот на напредокот на успехот“, потенцираше премиерот Спасовски.
Тој објасни дека Владата предводена од СДСМ и коалицијата инвестирала во изградба и реновирање на 25 спортски сали на територијата на целата држава, а од нив 2/3 се веќе завршени и функционални.
„Денеска сме сведоци на завршените работи на надворешниот објект на спортската сала на Средното техничко училиште „Наце Буѓони“, овде во Куманово. Во моментот се работи на уредување на внатрешноста на салата. Салата ќе биде опремена со сите реквизити и справи за мали спортови, кошарка, ракомет, мал фудбал и за одбојка. Средствата за нејзината изградба во висина од 27 милиони денари ги обезбеди Владата, а Општина Куманово вложи 1,5 милиони денари. Спортската сала започна да се гради минатото лето, а на есен, со почетокот на новата учебна година се очекува да биде пуштена во употреба откако ќе се заврши нејзиното внатрешно уредување кое е во тек. Средното Техничко училиште „Наце Буѓони“ постои од 1960 година. Наставата се одвива во 72 паралелки со околу 2.000 ученици на македонски и албански наставен јазик, и до сега наставата по физичко и здравствено воспитување се одвиваше во импровизирани услови. Од септември оваа и сите идни генерации ученици ќе имаат соодветни услови за реализирање на физичкото образование“, ги презентираше работите за салата премиерот Спасовски.
Спасовски кажа дека во Куманово и во поширокиот регион е во полн ек градежната офанзива на различни капитални инфраструктурни проекти.
„Речиси сите регионални патишта околу Куманово коишто повеќе од 40 години и не биле реконструирани, сега се реконструирани, а одреден дел се во фаза на реконструкција. Дури 8 патни правци во должина од 102 километри со вкупна вредност од 12,3 милиони евра се опфатени со оваа градежна офанзива. Патните делници Опае-Белановце-Станчиќ; Куманово-Миладиновци; Рехабилитацијата на регионален пат Куманово-Свети Николе; Реконструкцијата на регионалниот пат Куманово-Опае; Рехабилитацијата на регионалните патни правци Куманово-Никуштак и Куманово-Пелинце. Се поврзуваат сите изградени, реконструирани или рехабилитирани делници од Коридорот 8. Градиме за да обезбедиме силен локален економски развој, особено во овој дел на земјата кој еден подолг период беше запоставен. Инвестициите во инфраструктурата, во патиштата се инвестиции за подобрата поврзаност на локалните заедници со големите економски центри. Тоа се инвестиции за можности за новата развојна македонска економија“, кажа Спасовски.