Утрински Весник
Македонија

Спасовски на ЦЕИ: Уверен сум дека заеднички ќе ја надминеме кризата и ќе ги опоравиме економиите

Спасовски на ЦЕИ: Уверен сум дека заеднички ќе ја надминеме кризата и ќе ги опоравиме економиите

Скопје, 15 мај 2020 (МИА) – Пандемијата предизвикана од КОВИД -19 ја истакна важноста и потребата од глобална, европска и регионална соработка. Уверен сум дека заеднички ќе ја надминеме оваа криза и брзо ќе ги опоравиме нашите економии, порача премиерот Оливер Спасовски на денешниот вонреден самит на Централно европската иницијатива (ЦЕИ) посветен на договорите за соработка против пандемијата.
На самитот, кој поради актуелната ситуација се одржа преку видео конференциска врска, учествуваа и премиерите на Црна Гора, Албанија, Бугарија, Хрватска, Молдавија и Украина, како и еврокомесарот за
проширување и соседска политика на ЕУ, Оливер Вархеји, директорот на Европската банка за обнова и развој Сума Чакрабарти, генералниот секретар на ЦЕИ Роберто Антонионе и регионалниот директор за Европа на Светската здравствена организација Ханс Хенри Клуге.
Осврнувајќи се на преземените мерки во земјава, Спасовски посочи дека имплементирани се заштитни мерки согласно препораките на Светската здравствена организација, но оти одредени предизвици укажале на потребата од засилена поврзаност на регионот и на ЕУ.
– Нашите здравствени системи, иако се соочуваат со различни предизвици, покажаа високо ниво на организираност и функционалност во справување со КОВИД-19. Меѓутоа, одредени предизвици со кои се соочивме на почетокот од кризата укажаа и на потребата од засилена поврзаност во регионот, но и во самата ЕУ. Од тие причини, ние целосно ја поддржуваме иницијативата на генералниот секретар на ЦЕИ заедно со Регионалната канцеларија на СЗО за формирање на Оперативна Единица (Task Force) која ќе соработува во областа на науката и медицинските истражувања, како и на споделување на информации околу напредокот во борбата против КОВИД-19, рече Спасовски.
Во однос на кризата врз економијата, Спасовски истакна дека сите предвидувања укажуваат дека ќе има пад на глобалниот БДП и затоа е важно полека да се преминува кон фазата на закрепнување на економиите.
–  Во таа насока го поздравуваме Повикот на ЦЕИ за предлог проекти како одговор на кризата со КОВИД-19. Знаеме дека одѕивот е огромен, што покажува дека нашите компании и цивилното општество се погодени од кризата, но истовремено дека тие се и посветени да придонесат за надминување на економско-социјалните последици со нивни идеи и иницијативи. Дополнително, сакам да ја поздравам посветеноста на ЦЕИ преку нејзиниот Фонд во Европската банка за обнова и развој, во поддршка на проектите за инфраструктурно поврзување со регионална димензија кои се дел од нашите стратешки планови и не обврзуваат да продолжиме да работиме заедно за нивна реализација, нагласи Спасовски.
Во своето обраќање, Спасовски се осврна и на проектот кој оваа недела беше одобрен за подготовка на студија за проценка на биодиверзитетот и детектирање на потенцијалните ризици и влијанието на градежните активности за реализација на дел од автопатот Гостивар-Кичево.
– Благодариме за поддршката и цврсто веруваме дека имплементацијата на овој проект дополнително ќе ја зајакне регионалната соработка, рече Спасовски во обраќањето на Самитот на ЦЕИ кој се одржа под покровителство на Црна Гора. бак/дма/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер