Пробиштип, 8 мај 2020 (МИА) – Техничкиот премиер на Владата Оливер Спасовски очекува на лидерската средба, која е закажана за 12 мај кај претседателот Стево Пендаровски, да се разговара за мерките и одлуките што се преземени за да се спречи здравствената и економската криза во земјава.
Очекува на оваа средба да се надминат личните и партиски интереси. Главната цел, како што рече, се државата и граѓаните и ништо не е поважно од тоа.
-Затоа сметам дека ќе има доволно одговорност меѓу лидерите на политичките партии кои ќе учествуваат на таа средба. Ќе разговараме и јас посакувам да донесеме најдобро можно решение за иднината на оваа држава и за иднината на граѓаните. Сметам дека таква одлука треба да се донесе заради тоа што пред се потребни се функционални институции кои ќе можат да се справат со секаков вид на идни предизвици што стојат пред нас и тоа треба да биде водилка за сите нас, изјави Спасовски при денешната посета и увидот во градежните работи на изградбата на новата социјална зграда во Пробиштип. вдј/бак/