Штип, 28 мај 2020 (МИА) – Компромис со Уставот нема. Уставот е јасен дека во рок од 60 дена од распуштање на Собранието треба да се одржат парламентарните избори, рече денеска премиерот Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Карбинци.
– Ако имаме потреба врз основа на анализите дека треба да се прогласи вонредна состојба уште некој ден за справување со економските последици, тоа ќе го направиме и кога ќе заврши вонредната состојба, по 22 дена ќе се одржат изборите, истакна Спасовски.
Според него, Владата до крајот на неделата ќе одлучи дали ќе има прогласување нова трета вонредна состојба која, како што рече, е потребна пред сé за спроведување на економските мерки.
– Јас очекувам дека сите ќе бидат доволно разумни, политички мудри да разберат дека овие парламентарни избори треба да се одржат во моменти кога тоа е можно и врз основа на Уставот и законот и врз основа на оваа здравствена криза, потенцира Спасовски. вдј/мч/