Скопје, 6 март 2020 (МИА) – Претседателот на Владата, Оливер Спасовски денеска се сретна со авторите на филмот „Медена земја”, документарецот кој од премиерата на филмскиот фестивал „Санденс“ на 28 јануари 2019 година, освои десетина други највисоки филмски награди во светот и беше номиниран на 92-та церемонија на Оскарите во две категории: за најдобар интернационален филм и за најдобар документарен филм.
Спасовски, соопшти владината прес-служба, на членовите на тимот им додели плакета како знак за признание за историскиот успех, а тие нему му пренесоа поздрави и тегла мед од производството на пчеларката Aтиџе Муратова, еден од главните ликови на документарецот „Медена земја“.
Поздравувајќи ги режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев и кинематографот Самир Љума, премиерот Спасовски, како што се посочува, тој уште еднаш им честиташе на филмските работници за значајниот успех, и заедно со своите колеги од Владата во опуштена атмосфера им ја искажаа огромната благодарност, за гордоста која ја приредија на сите граѓани на нашата држава со создавањето на документарниот филм „Медена земја“.
– Ви благодарам што нé направивте горди со освоените награди и номинациите. Вашите успеси се големи и ние како Влада донесовме повеќе заклучоци во однос на изразување признание за успесите и нивната реализација, рече премиерот Спасовски, кој беше придружуван од министерот за култура Хусни Исмаили, Националниот координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски, советничката за култура Цветанка Ласкова и Бранко Петровски од Агенцијата за филм.
Присутните истакнаа дека со одлуките на Владата, меѓу кои преку Министерството за животна средина и просторно планирање ќе се организираат серија едукативни настани, како и задолжувањата преку Министерството за култура и Министерството за образование и наука ќе се организираат емитувања на филмот „Медена земја“ за сите средни училишта и универзитети во земјата имаат единствена цел, понатаму се афирмираат и пренесуваат благородните пораки на документарниот филм, кој е посветен на приближувањето на еколошките теми, љубовта кон природата, но и односот и почитувањата на семејните врски, стои во соопштението.
Екипата на „Медена земја“, како што се наведува, изрази задоволство од интересот и одлуките на Владата, изнесувајќи ги своите ставови во однос на подобрување на условите на филмската кинематографија во нашата земја, давајќи предлози за поуспешно претставување на нашите филмови и фестивали на меѓународната сцена и спомена дека дел од успехот е и на кинематографот Фејми Даут, кој заради службени обврски беше отсутен. рп/скс/