Утрински Весник
Македонија

Спасовски: Велигден да го поминеме дома и да ги почитуваме мерките на Владата

Спасовски: Велигден да го поминеме дома и да ги почитуваме мерките на Владата

Скопје, 15 април 2020 (МИА) – Премиерот Оливер Спасовски апелира да се почитуваат мерките на Владата, да нема собири на Велигден, а најголемиот христијански празник да го поминеме во кругот на семејството, објави на својот Фејсбук профил.

Тој потенцира дека секоја од одлуките која се носи е со цел да се помогне во заштита на здравјето и животот на граѓаните.

-Тие се тешки одлуки, кои сите нас нè тангираат, кои не нè оставаат мирни, но сепак одлуки кои би дале најбрз можен ефект. Тоа го покажуваат сите анализи дека доколку не се донесеше една таква одлука ризикот многукратно се зголемува во ширење на вирусот, истакна Спасовски.

-Јас знам дека сега се моменти кога за ваков христијански празник луѓето имаат и духовна потреба да отидат во храмовите, но сега овој момент на зачувувањето на здравјето и животот на граѓаните и на спречувањето на ширењето на вирусот е исто така една голема одговорност што ја имаме сите пред нас, рече Спаспвски.

Затоа, тој апелира да се почитуваат мерките, да нема никакви собири и големиот христијански празник-Велигден, да го поминеме во кругот на семејството.

-Честитките да си ги упатиме до нашите блиски преку телефоните. Секој од нас може своите молитви да си ги направи дома во кругот на семејството. Ова е моментот кога треба да покажеме и патриотизам и храброст, а храброст и патриотизам во овие услови е да се остане дома и да се почитуваат мерките на Владата, напиша премиерот на својот Фејсбук профил.ир/скс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Тошковски: Некој намерно отвора хајка против МВР преку случајот со „шпионажа“ од кабинетот на претседателката

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ утре во посета на Македонија

Давкова ќе ги додели наградите за иновација, лидерство и влијание во ИТ екосистемот „Women in Tech® Macedonia Awards”