По одлуката на македонската влада за поддршка на проектот за воведување на брз автобуски систем (БРТ) во Скопје, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) објави дека ќе го поддржи Градот Скопје во овој проект преку издвојување на средства од подигнатиот кредит за изработка на Студија за реструктурирање на јавниот автобуски превоз во Скопје.
„Целта на оваа задача е да му се помогне на Градот во развој и усвојување на нова автобуска мрежа и сите поврзани мерки за да се обезбеди оперативна ефикасност и да се овозможи конкурентен тендер за идните автобуски рути“, се наведува во информацијата на ЕБОР.
Поаѓајќи од фактот дека скопските градски власти се заинтересирани за воведување на две БРТ линии во Скопје, идната студија треба да опфати предлог за мрежата на градски и приградски транспортни линии што ќе понудат три можни варијанти – нова мрежа на автобуски линии што ќе вклучува само обични автобуски линии, мрежа на автобуски линии што ќе вклучи и една БРТ линија (Ново Лисиче – Ѓорче Петров) и нова мрежа на линии со две БРТ линии (Ново Лисиче – Ѓорче Петров и Бутел – Кисела Вода).
Идната студија за реструктурирање на јавниот автобуски превоз во Скопје треба да опфати неколку клучни аспекти, вклучувајќи осврт на секторот јавен превоз во Скопје и работењето на автобускиот транспорт; студија за побарувачка и подготовка на план за нова мрежа на автобуски линии; оперативна стратегија, план за инвестиции и механизми за финансирање; институционална и регулативна рамка за јавниот превоз во Скопје со вклучување на постојните тарифи и билети.
Ваквата студија за воведување на т.н. „трамвај на тркала“ е неопходна пред било која меѓународна институција да се одлучи да го разгледува барањето за финансирање за алтернативен јавен превоз во Скопје. За разлика од опцијата за брз автобуски превоз, физибилити студија и идејно решение за изградба на трамвај во Скопје беа изготвени во неколку наврати во изминативе децении.
Универзитетскиот професор Никола Крстаноски во изјава за „Мета.мк“ во декември минатата година потенцираше дека за изработката на физибилити студијата и проектната документација за воведување на БРТ во Скопје ќе бидат потребни најмалку три години, под идеални услови на работа.