Министерството за образование и наука соопшти дека со онлајн обуки на наставниците и директорите од средните училишта на ниво на целата држава, започнаa подготовките за престојното пробно тестирање за ПИСА предвидено за 2021 година.
Инаку ПИСА (Programe for International Student Assessment) е меѓународна студија која ги проценува способностите, знаењата и вештините на учениците во примена на она што го научиле во училиште во ситуации од животот на крајот на задолжителното образование на возраст од 15 години воглавно во три подрачја: оспособеност за читање со разбирање – и критички пристап во читањето на пишани материјали, математичка писменост – читање, интерпретирање и решавање на даден проблем со организирање и толкување на дадени информации и избирање на метод за решавање, и писменост во природните науки – препознавање на научни прашања, користење на научни знаења, идентификување на содржината во научните истражувања и поврзување на научните податоци со докази и заклучоци.
Програмата за меѓународни тестирања на учениците – ПИСА која е организирана од страна на Организацијата за економска соработка и развој, освен што дава увид во образовните политики и практики, исто така помага во следењето на трендовите во стекнување на знаења и вештини кај учениците на иста возраст во различни земји и различни демографски подгрупи во секоја држава. Оваа проценка не потврдува само дали учениците можат да го репродуцираат своето знаење, туку испитува и колку добро можат да го искористат наученото во непознати ситуации, во училиште и надвор од него.
Инаку, актуелната власт во предизборната кампања најави дека нивна цел е просечните постигања на македонските ученици во ПИСА 2021 да се зголемат за минимум 10 поени во однос на тестирањето од 2018 година.