Утрински Весник
Македонија

Со европски средства ќе се унапредува туризмот за здравје на младите од Крива Паланка и Благоевград

Со европски средства ќе се унапредува туризмот за здравје на младите од Крива Паланка и Благоевград

Крива Паланка, 28 мај 2020 (МИА) – Североисточниот плански регион и Фондацијата „Профилактика за здравје” од Благоевград, Република Бугарија го претставија проектот со кој до крајот на ноември годинава преку низа активности ќе се унапредуваат туристичките капацитети за поголема соработка и здравје на младите и лицата со посебни потреби.

Како што беше речено на денешната прес конференција, проектот се реализира во соработка со Општина Крива Паланка. Вкупниот буџет е 94.742.000 евра од кои 85 отсто од европските фондови, од ИНТЕРРЕГ ИПА програмата за прекугранична соработка, а 15 отсто од Министерството за локална самоуправа. Периодот за имплементација е 15 месеци, отпочна во август 2019 година, а краен рок за реализација е ноември 2020.

– Проектот има главна цел промоција меѓу младите на важноста од поврзаноста на здравјето, велнесот и спортскиот туризам во прекуграничниот регион и градовите Крива Паланка и Благоевград, со вклученост на ранливите категории лица, а ќе придонесе за унапредување на соработката соработката меѓу регионалните чинители во областа на одржливиот туризам, изјави директорот на Североисточниот регион (СИПР), Младен Протиќ.

Според него, планирани се пет главни активности. Првата е истражување и анализа на постоечките туристички локалитети со категоризација и публикација, во Благоевград ќе се воспостави здравствен и туристички центар за вмрежување што ќе обезбеди бесплатни здравствени услуги за младите и лицата со посебни потреби од двете општини и регионот, во Крива Паланка веќе се во фаза изградба на мини голф терен и фитнес зона на отворено во кејот на Крива Река, а покрај промотивни и завршни конференции и тркалезна маса, ќе се спроведат и петдневни работилници за здравство и туризам за младите и лицата со попреченост.

На настанот со видео-обраќање се вклучи координаторот на проектот од Бугарија, претседател на Фондацијата „Профилактика за здравје”, доктор Димитриј Маникатов, кој истакна дека е задоволство Благоевград и Крива Паланка заедно да работат во насока на унапредување на соработката меѓу регионалните актери за одржлив туризам, пред се во насока на унапредување на здравјето на младите преку планираните едукативни работилници за навики за здрав живот и натпревари со интенција да бидат традиционални.

Градоначалникот Борјанчо Мицевски истакна дека со овој проект и сите тековни проекти се работи на постојано зголемување на бројот на терени и капацитети, потенцијали за развој на спортот во градот.

– Во овој период се градат шест различни видови спортски содржини во Крива Паланка, вчера дополнително добивме повик од Фудбалската федерација на РС Македонија дека по изградбата на атлетската патека и уредување на стадионот од страна на општината, тие се заинтересирани да вложат дополнително во доуредување, а покрај овој проект кој е финансиски поддржан од ЕУ, во фаза на потпишувањето сме на договорот на уште еден, со кој ќе се уреди пешачка патека покрај Бабин Дол, до манастирот св Јоаким Осоговски, рече Мицевски.

Можност за дружење на младите од двете страни на границата ќе имаат дваесеттина лица кои во рамки на проектот во претстојниот период по отворањето на границите, ќе бидат дел од тридневен настан во Благоевград. ид/мч/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Седумина повредени, меѓу нив и тројца малолетници при судир на ,,мерцедес“ и ,,џип“

Митева: Сто милиони евра во време на Ковид со СДС завршија во фирмите блиски до СДС и ДУИ

Драма во ИЈЗ: Вработен ги исклучил фрижидерите во кои се чуваат реагенси за цела Македонија